„Дајте им вие да јадат“ (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Градењето на Христовото царство ќе напредува, иако неговото напредување изгледа бавно, а неможностите како да сведочат против напредокот. Делото е Божје, па Тој ќе обезбеди средства и ќе прати вистински помошници, ревносни ученици, чиишто раце исто така ќе бидат полни со храна за мноштвото што умира од глад. Бог не е рамнодушен кон оние што работат со љубов, давајќи им ја речта на животот на душите што умираат, кои пак, од своја страна, посегаат по храна за другите гладни души.

Во нашата работа за Бога демне опасност премногу да се потпираме врз она што може да го стори човекот со своите дарби и способности. На тој начин го губиме од вид најголемиот Пратеник. Многу често оној што работи за Христа не успева да ја сфати својата лична одговорност. Тој се наоѓа во опасност својот товар да го префрли врз организациите, наместо да се потпре врз Него кој е извор на секоја сила. Голема грешка е да се потпираме врз човечката мудрост или врз бројките во Божјето дело. Успешната работа за Христа не зависи толку од бројките или од надареноста колку од чистотата на намерите, од искрената едноставност и од сериозната вера што се потпира врз Бога. За оние што не го познаваат Христа мора да се вложуваат лични напори, да се носат лични одговорности, да се прифати лична должност. Наместо да ги префрлите своите одговорности на некого што го сметате за многу понадарен од себе, работете според своите способности.

Кога ќе допре до вашето срце прашањето: „Каде да купиме леб да се нахранат овие луѓе?“, вашиот одговор нека не биде одговор на неверство. Кога учениците го чуле упатството на Спасителот: „Дајте им вие да јадат“, во нивните мисли се појавиле рој тешкотии. Тие поставиле прашање: Дали треба да одиме во селата да купиме храна? Така и сега, кога народот го нема лебот на животот, Господовите деца поставуваат прашање: Треба ли да пратиме по некого да дојде од далеку и да го нахрани? Но што кажува Христос? „Нека поседнат лугето“, и Тој тука ги нахранил. Така и вие, кога сте опкружени со души што се во неволја, знајте дека Христос е тука. Одржувајте тесна врска со него. Донесете му ги своите јачменови лебови на Исуса.

Средствата што ги имаме можеби нема да ни изгледаат доволни за работа; но ако тргнеме напред со вера, верувајќи во Божјата сила која е доволна, пред нас ќе се отворат обилни извори. Ако е делото од Бога, Тој сам ќе обезбеди средства за негово извршување. Тој ќе го награди искреното и едноставно потпирање врз него. И она што е незначително, но се користи мудро и штедливо во службата на небесниот Бог, ќе се зголеми во текот на самиот чин на давањето. Во Христовата рака малечкото количество храна останала непотрошена сè додека гладното мноштво не се наситило. Ако одиме кај Изворот на секоја сила да примиме со подадени раце на вера, ќе бидеме поддржани во нашата работа дури и под најнеповолни околности, оспособени на другите да им го дадеме лебот на животот.

Господ вели: „Давајте и ќе ви се даде“ (види Лука 6,38). „Кој сее скудно, скудно и ќе жнее; кој сее штедро, штедро и ќе жнее… А Бог е способен изобилно да ја излее сета благодат врз вас, па имајќи секогаш доволно сè што е потребно, да имате изобилно за секое добро дело, како што е напишано: ‘Раздаваше нашироко, им даваше на сиромашните.’“ „Оној кој му дава семе на сејачот и леб за храна, ќе го умножи и вашето семе и ќе ја зголеми жетвата на вашата праведност; и ќе бидете збогатени во сè за секаква штедрост, која преку нас предизвикува благодарност кон Бога“ (Лука 6,38; 2. Коринќаните 9,6­11).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest