„Да не се вознемирува вашето срце“ (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Сега го слушнал гласот на Петар како огорчено се противи: „Ако навистина сите се поколебаат, сепак, јас нема да се поколебам.“ Во Горната соба изјавил: „Својот живот ќе го дадам за Тебе.“ Исус го предупредил дека истата ноќ ќе се откаже од својот Спасител. Сега Христос ја повторува опомената: „Вистина ти велам денес, ноќеска, пред петелот да запее двапати, ти трипати ќе се откажеш од мене.“ Но Петар „уште поупорно зборуваше: ‘Ако треба и да умрам со тебе, нема да се откажам од тебе’“ (Марко 14,29-31). Во својата самоувереност го негирале повторното тврдење на Оној кој знаел. Биле неподготвени за тестот; кога искушението ќе ги совлада, ќе ја сфатат сопствената слабост.

Кога Петар рекол дека ќе го следи својот Господ и во затвор и во смрт, тој навистина така мислел; но не се познавал себеси. Во неговото срце биле скриени елементи на злото што околностите ќе ги оживеат. Ако не ја сфати опасноста, тоа ќе се покаже како негова вечна пропаст. Спасителот кај него видел самољубие и самоувереност што ќе ја совладаат дури и неговата љубов кон Христа. Во неговото искуство се откриле многу слабости, несовладан грев, безгрижен дух, непосветен темперамент, непромислено влегување во искушенија. Христовата свечена опомена била повик на преиспитување на срцето. Било неопходно Петар помалку да верува во себе, а да покаже подлабока вера во Христа. Кога понизно би го прифатил предупредувањето, тој би го замолил Пастирот на стадото да ги чува своите овци. На Галилејското езеро, кога речиси потонал, извикнал: „Господе, спаси ме!“ (Матеј 14,30). Тогаш Христос ја подал својата рака да ја фати неговата. Така и сега, кога би повикал кон Христа: „Спаси ме од самиот мене“, би бил сочуван. Меѓутоа, Петар чувствувал дека не му се верува и си помислил дека тоа е мошне свирепо. Веќе бил навреден, па станал уште поупорен во својата самоувереност.

Исус со сочувство ги набљудувал учениците. Тој не можел да ги спаси од искушенијата, но не ги оставил без утеха. Ги уверувал дека ќе ги раскове оковите на гробот и дека неговата љубов кон нив нема да престане. „А кога ќе воскреснам“, рекол, „пред вас ќе отидам во Галилеја“ (Матеј 26,32). Пред да се откажат, добиле уверување за проштавање. По неговата смрт и воскресение знаеле дека им е простено и дека му се мили на Христовото срце.

Исус и учениците се наоѓале на пат кон Гетсиманија, кон едно осамено место за размислување и за молитва во подножјето на Маслинската гора кое Тој често го посетувал. Спасителот на учениците им ја објаснил својата мисија за светот и духовната врска што мора да ја одржуваат со него. Сега сликовито им ја прикажувал оваа поука. Месечината јасно светела и му откривала една родна лоза. Насочувајќи го вниманието на учениците кон неа, Тој ја претставил како симбол.

„Јас сум вистинска лоза“, рекол. Наместо стројната палма, величествениот кедар или силниот даб, Исус ја одбрал разгранетата лоза за да се претстави себеси. Палмата, кедарот и да постојат сами. Ним не им е потребен никаков потпор. Но лозата се обвиткува околу колјето и така се искачува кон небото. Така и Христос во својата човечка природа зависел од божествената сила. „Јас ништо не можам да правам сам од себе“, изјавил (Јован 5,30).

„Јас сум вистинска лоза.“ Евреите секогаш виновата лоза ја сметале за најблагородна билка, слика на сè што е моќно, возвишено и плодно. Израел бил претставен со лоза што Бог ја засадил во ветената земја. Евреите својата надеж во спасение ја засновале врз фактот што се поврзани со Израел. Но Исус вели: „Јас сум вистинска лоза.“ Немојте да мислите дека преку врската со Израел ќе можете да станете учесници во животот од Бога и наследници на неговите ветувања. Само преку мене можете да примите духовен живот.

„Јас сум вистинска лоза и мојот Отец е лозар.“ На ритчињата на Палестина нашиот небесен Отец ја засадил оваа благородна Лоза, а самиот Тој бил лозар. Мнозина ги привлекувала убавината на оваа Лоза и затоа го објавувале нејзиното небесно потекло. Но, на водачите на Израел Таа им изгледала како корен од сува земја. Ја ископачиле Шиблинката, ја отфрлиле и ја згазиле со своите несвети нозе. Имале намера засекогаш да ја уништат. Меѓутоа, небесниот Лозар никогаш не ја загубил од вид својата садница. Кога луѓето мислеле дека ја уништиле, Тој ја зел и ја засадил од другата страна на ѕидот. Лозата не требало повеќе да биде видлива. Била скриена од грубите напади на луѓето. Но прачките на оваа Лоза израснале преку ѕидот. Требало да ја претставуваат Лозата. Преку нив калемите сè уште можеле да се соединат со Лозата. Донесувале плод. Тој плод го береле поминувачите.

„Јас сум лоза а вие сте прачки“, им рекол Христос на своите ученици. Иако наскоро требало да се земе од нив, нивното духовно единство со него требало да остане непроменето. Врската меѓу прачката и лозата, рекол Тој, ја претставува врската што треба да ја одржувате вие со мене. Калемот се калеми на жива прачка и влакно по влакно, жилка по жилка зараснува со лозата. Животот на лозата станува живот на прачката. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest