„Да не се вознемирува вашето срце“ (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Во сите времиња и на секое место, во сите таги и во сите неволји, кога изгледите се мрачни, а иднината неизвесна, кога се чувствуваме беспомошни и осамени, Утешителот ќе биде пратен како одговор на молитвата проникната со вера. Околностите можат да нè одвојат од секој земен пријател, но никаква околност, никаква оддалеченост не може да нè одвои од небесниот Утешител. Каде и да се наоѓаме, каде и да одиме, Тој секогаш ни е од десната страна да нè потпре, да нè подигне, да ни помогне и да нè закрепне.

Учениците уште не успевале во духовна смисла да ги сфатат Христовите зборови, па Тој повторно им го објаснил нивното значење. Рекол дека ќе им се открие преку Духот. „Утешителот, Светиот Дух, што ќе ви го прати мојот Отец заради мене, ќе ве научи на сè.“ Нема веќе да кажете: Јас не можам да сфатам. Нема веќе да гледате како низ стакло, нејасно, туку ќе можете „да сфатите со сите свети колкава е ширината, должината, височината и длабочината, и да ја познаете Христовата љубов, која надминува секое знаење“ (Ефесците 3,18.19).

Учениците требало да сведочат за Христовиот живот и работа. Тој преку нивните зборови ќе им се обраќа на сите луѓе на цел свет. Но Христовото понижување и смрт ќе им донесат големо искушение и разочарување. По ова искуство, за нивните зборови да биде вистинити, Исус ветил дека Утешителот ќе ги потсети „на сè што ви реков“.

„Имам уште многу да ви кажам“, продолжил, „но сега не можете да поднесете. А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во сета вистина, зашто нема да зборува сам од себе, туку ќе зборува за она што го слуша, и ќе ви навести за нештата што ќе дојдат. Тој ќе ме прослави мене, зашто ќе земе од моето и ќе ви го објави вам.“ Исус пред своите ученици отворил широко подрачје на вистината. Но за нив било мошне тешко неговите поуки да ги држат изделено од преданијата и од книжевничките и фарисејските правила и однесување. Биле воспитани учењето на рабините да го прифатат како Божји глас и тоа сè уште владеело во нивните умови и ги обликувало нивните мислења. Световните идеи и поминливоста сè уште заземале значајно место во нивните мисли. Тие не ја сфаќале духовната природа на Христовото царство што толку често им ја објаснувал. Настанала збрка во нивните умови. Не ја сфаќале вредноста на Писмото што им ја откривал Христос. Се чинело дека многу од неговите поуки речиси и не допираат до нив. Исус видел дека не го сфаќаат вистинското значење на неговите зборови. Милостиво ветил дека Светиот Дух ќе ги потсети на сè што им зборувал. Тој не им рекол многу подробности, зашто учениците не би можеле да ги сфатат. Нив ќе им ги открие Светиот Дух. Духот треба да го оживее нивното разбирање за да можат да ги ценат небесните вистини. „А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината“, рекол Исус, „ќе ве упати во сета вистина.“

Утешителот е наречен „Дух на вистината“. Негова задача е да ја дефинира и да ја одржи вистината. Тој прво се настанува во срцето како Дух на вистината и така станува Утешител. Утеха и мир се наоѓаат во вистината, зашто вистински мир и утеха не можат да се најдат во заблудата. Сатаната го заробува умот со лажни теории и преданија. Насочувајќи ги луѓето кон лажни мерила, тој го расипува карактерот. Светиот Дух му зборува на умот преку Светото писмо и ја врежува вистината во срцето. Така Тој ја открива заблудата и ја истерува од душата. Со Духот на вистината, кој дејствува преку Божјата реч, Христос го задобива својот избран народ.

Опишувајќи им ја на своите ученици службата на Светиот Дух, Исус сакал да ги вдахне со радоста и со надежта што го вдахнувале и неговото срце. Се радувал за таа обилна помош што ѝ ја обезбедил на својата Црква. Светиот Дух бил најголем од сите дарови што можел да го измоли од својот Отец за издигнување на својот народ. Светиот Дух треба да им биде подарен како сила што преродува, зашто без неа Христовата жртва би била безвредна. Силата на злото со векови се зајакнувала и луѓето со вчудовидена покорност го прифаќале сатанското ропство. Човекот може да му се противстави и да го победи гревот само со моќното дејствување на третото лице на Божеството што ќе дојде со неизме нета сила во полнота на божествената моќ . Духот го прави делотворно она што го извојувал Откупителот на светот. Светиот Дух го чисти срцето. Со посредство на Духот верникот станува учесник во божествената природа. Христос го подарил својот Дух како божествена сила при совладувањето на сите наследени и стекнати склоности кон злото и Црквата да прими печат на неговиот карактер. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest