Царството божје нема да дојде видливо (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Тома не сакал да верува сè додека не ставил свој прст во раната што ја направиле римските војници. Во неговото понижување и отфрленост Петар се откажал од него. Овие болни сеќавања јасно обележани излегувале пред нив. Биле со него, но не го познавале ниту правилно го разбрале. Но колку сето ова ги потресувало нивните срца кога го препознале своето неверство!

Кога свештениците и поглаварите се соединиле против нив, кога се доведени пред властите и фрлени во затвор, Христовите следбеници се радувале „зашто беа удостоени да претрпат понижување заради неговото име“ (Дела 5,41). Се радувале да докажат пред луѓето и пред ангелите дека ја сфаќаат Христовата слава и дека избрале да го следат по секоја цена.

Денеска исто така е точно, како што било и во времето на апостолите, дека без просветлување со божествениот Дух, човештвото не може да ја распознае Христовата слава. Вистината и Божјето дело не можат да ги ценат оние што го сакаат светот и христијанството што прави отстапки. Следбениците на Учителот не следат пат на изобилство, на земни почести и прилагодби кон светот. Тие предничат на патиштата на трудот, на понижувањето и потсмевот, во првите редови на борбата „против управителите, против властите, против световните мрачни сили на овој свет, против духовните сили на злото под небесата“ (Ефесците 6,12). И денеска, како и во Христово време, тие се погрешно разбрани, презирани и угнетувани од свештениците и фарисеите на своето време.

Царството Божје нема да дојде да се види. Евангелието на Божјата милост, со својот самопрегор, никогаш не може да се сообрази со духот на овој свет. Овие две начела се во судир. „А телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и не може да го разбере, бидејќи за тоа треба да расудува на духовен начин“ (1. Коринќаните 2,14).

Меѓутоа, денеска во верскиот свет постои мноштво такви кои веруваат и настојуваат да го воспостават Христовото царство како земно, световно владеење. Тие сакаат нашиот Господ да го сторат владетел на царствата на овој свет, владетел на световните судови, над неговите војски, на неговите законодавни сали, на неговите палати и плоштади. Тие од него очекуваат да владее со помош на закони наметнати со човечка власт. Бидејќи Христос лично не се наоѓа овде, тие сами ќе преземаат дејствија наместо него, сами да ги спроведуваат законите на неговото царство. Евреите во Христово време сакале да воспостават такво царство. Тие би го прифатиле Христа кога би бил готов да воспостави светов но царство, да го наметне она што тие го сметале за Божји закон и да ги стори толкувачи на својата волја и претставници на својата власт. Меѓутоа, Тој рекол: „Моето царство не е од овој свет“ (Јован 18,36). Тој не сакал да прифати земен престол.

Власта под која Исус живеел била изопачена и сурова; на секој чекор се слушало за злоупотреби за грабежи, за нетрпеливост и за угнетувачка свирепост. Но сепак, Спасителот не се обидел да изврши никакви општествени реформи. Тој не напаѓал никаква национална злоупотреба ниту ги осудувал непријателите на нацијата. Не се мешал во власта или во администрацијата на оние што биле на власт. Оној, кој бил наш пример, се држел далеку од земните власти. Не затоа што бил рамнодушен кон човечките неволји, туку затоа што лекот не се наоѓал само во човечките и во надворешните мерки. За да биде делотворно, лекувањето мора да го опфати секој поединец и мора да го обнови срцето.

Христовото царство не е воспоставено со одлуки на судовите, на советите, на законодавните собранија ниту под покровителство на големите луѓе на овој свет, туку со всадување на Христовата природа во човечката природа со помош на Светиот Дух. „А на сите што го примија им даде право да станат Божји деца на оние кои веруваат во неговото име, кои не се родија ниту од крв, ни од телесна похота, ниту од волја на маж, туку од Бога“ (Јован 1,12.13). Еве ја единствената сила која може да го издигне човечкиот род. Човечкото орудие за извршување на ова дело го претставува проповедањето на Божјата реч и нејзиното спроведување во животот.

Кога апостол Павле почнал да работи во Коринт, во тој голем, богат и зол град, извалкан со безбројни пороци на многубоштвото, рекол: „Зашто решив да не знам меѓу вас ништо друго, освен Исуса Христа, и тоа распнатиот“ (1. Коринќаните 2,2). Пишувајќи им подоцна на некои што биле изопачени со најодвратни гревови, можел да каже: „Но, бевте измиени, и бевте осветени, и бевте оправдани во името на нашиот Господ Исус Христос и во Духот на нашиот Бог.“ „Постојано му благодарам на мојот Бог за вас, за милоста Божја што ви е дадена во Исуса Христа“ (1. Коринќаните 6,11; 1,4).

Денеска, како и во Христово време, носители на делото на Божјето царство не се луѓето кои бараат признание и поддршка од световните владетели и од човечките закони, туку оние кои во негово име му ги објавуваат на народот духовните вистини што ќе им помогнат да го постигнат искуството на апостол Павле: „Со Христа се распнав, и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Галатите 2,19.20). Тогаш и тие, како Павле, ќе работат за добро на луѓето. Тој рекол: „Ние вршиме пратеничка служба во Христово име како Бог да зборува преку нас. Молиме во Христово име: Помирете се со Бога!“ (2. Коринќаните 5,20).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest