Божествен пастир (прв дел)

„Јас сум добар пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците.“ „Јас сум добар пастир. Ги познавам моите овци и моите овци ме познаваат мене. Како Отецот што ме познава мене и јас го познавам Отецот, и јас го давам својот живот за овците.“

Со слики од секојдневниот живот Исус повторно нашол пристап до умот на своите слушатели. Влијанието на Духот го поврзал со студената, освежувачка вода. Себеси се прикажал како светлина, како извор на животот и радост за природата и за човекот. Сега со прекрасната пастирска слика ја прикажал својата врска со оние што веруваат во него. Ниедна слика не им била позната во толкава мера на неговите слушатели како оваа, и Христовите зборови засекогаш ја поврзале со него. Учениците не можеле веќе да ги гледаат пастирите како се грижат за своите стадаа да не си спомнат за поуките на Спасителот. Тие ќе го видат Христа во секој верен пастир, а себеси во секое беспомошно и зависно стадо.

Оваа слика пророкот Исаија ја применил опишувајќи го со утешни зборови делото на Месија: „Сионе, веснику на радосна вест, искачи се на висока гора! Подигни го силно својот глас, веснику на радосна вест, Ерусалиме! Подигни го, не бој се, кажи им на јудејските градови: ‘Еве го вашиот Бог!… Како пастир го пасе стадото свое, на раце ги зема јагнињата, ги носи во прегратки’“ (Исаија 40,9­11). Давид пеел: „Господ е мој пастир, ништо не ќе ми недостига“ (Псалм 23,1). А Свети от Дух преку Езекил објавил: „Ќе им поставам пастир што ќе ги пасе.“ „Ќе ја побарам загубената, ќе ја вратам заталканата, ќе ја преврзам ранетата и ќе ја закрепнам немоќната.“ „И ќе склучам со нив сојуз за мир.“ „И нема да бидат повеќе плен на народите… туку ќе живеат мирно и нема никој да ги плаши“ (Езекил 34,23.16.25.28).

Овие пророштва Христос ги применил на себе и ја покажал спротивноста меѓу својот карактер и карактерот на израелските водачи. Фарисеите штотуку отерале еден од трлото, зашто се осмелил да сведочи за Христовата моќ . Тие отерале една душа која вистинскиот Пастир ја привлекувал кон себе. Со ова покажале дека не ја познаваат задачата што им е доверена и дека се недостојни за довербата да се викаат пастири на стадото. Исус сега направил разлика меѓу нив и добриот Пастир и покажал на себе како вистински чувар на Господовото стадо. Па сепак, пред да го стори тоа, зборувал за себе применувајќи друга слика.

Тој рекол: „Оној што не влегува во трлото низ вратата, туку прескокнува на друго место, е крадец и разбојник. Оној што влегува низ вратата, е пастир на овците.“ Фарисеите не разбрале дека овие зборови се изговорени против нив. Бидејќи во своите срца просудувале за нивното значење, Исус отворено им рекол: „Јас сум врата. Кој ќе влезе низ мене, ќе биде спасен, ќе влегува и ќе излегува и ќе најде пасиште. Крадецот влегува само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие.“

Христос е врата на Божјето трло. Сите негови деца, од најраните времиња, низ оваа Врата наоѓале влез. Во Христа, како што е прикажано тоа во сликите, како што е навестено во симболите, како што е јасно покажано во пророчките откровенија, како што е откриено во поуките пред неговите ученици и во чудата што ги правел за синовите човечки, го гледале „Божјето Јагне кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1,29) и низ него се доведени во трлото на неговата милост. Мнозина доаѓале истакнувајќи други цели за верата на светот; воспоставувани се обреди и системи со чија помош луѓето се надевале дека ќе се оправдаат и ќе се помират со Бога, и со тоа ќе најдат пристап во неговото трло. Меѓутоа, Христос претставува единствена врата и сите што воспоставиле нешто што ќе го заземе Христовото место, сите што се обидувале да влезат во трлото на некој друг начин, се арамии и крадци.

Фарисеите не влегле низ таа врата. Тие се вовлекле во трлото по некој друг пат, надвор од Христа, и не служеле како вистински пастир. Свештениците и поглаварите, закониците и фарисеите ги уништиле животните пасишта и ги загадиле изворите на водата на животот. Вдахновените зборови верно ги опишуваат тие лажни пастири: „Немоќните не ги крепите, болните не ги лекувате, ранетите не ги преврзувате, заталканите не ги враќате… туку насилно и свирепо господарите над нив“ (Езекил 34,4).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest