Беседа на гората (втор дел)

 

(продолжува од претходниот ден) Гордото срце се стреми да го заслужи спасението; но нашето право за небото и нашата подобност за него се темелат на Христовата праведност. Господ не може да стори ништо за обновата на еден човек сè додека тој, осведочен во својата сопствена слабост и ослободен од секоја помисла дека е доволен самиот себеси, не ѝ се потчини на Божјата управа. Тогаш може да го прими дарот што сака Бог да му го подари. Душата што ја чувствува својата потреба не е лишена од ништо. Таа има неограничен пристап кон Него во кого се наоѓа сета полнота. „Зашто вака вели Севишниот и Возвишениот, кој царува вечно и името му е Свет: ‘Живеам на високо и свето место, но јас сум и со угнетените и понижените, за да го подигнам духот на понизните и да ги оживеам срцата на скршените’“ (Исаија 57,15).

„Блазе на оние што плачат, зашто ќе се утешат.“ Со овие зборови Христос не кажува оти плачењето само по себе има моќ да ја отстрани вината на гревот. Тој не ја одобрува престорливоста или смислената понизност. Плачењето за кое зборува овде не се состои од потиштеност и од поплаки. Иако сме жалосни поради гревот, треба да се радуваме за драгоцената предност што сме Божји деца.

Често жалиме затоа што нашите лоши дела ни донесуваат непријатни последици; но тоа не е покајание. Вистинската жалост поради гревот е резултат на дејствувањето на Светиот Дух. Духот ја открива неблагодарноста на срцето што го омаловажувало и жалостело Спасителот и во понизност нè води кон подножјето на крстот. Со секој грев одново го рануваме Исуса и кога ќе го погледнеме него, кого сме го проболе, плачеме поради гревовите што му нанеле страдања. Таквото плачење ќе ни помогне да го отфрлиме гревот.

Световните луѓе можат оваа жалост да ја прогласат за слабост, но таа е сила која покајникот го врзува за Бесконечниот со врски што не можат да се раскинат. Таа покажува дека Божјите ангели ѝ ги враќаат на душата доблестите што ги загубила поради тврдоста на срцето и престапите. Солзите на оној што се кае се само капки дожд што му претходат на сончевиот сјај на светоста. Оваа жалост огласува радост што ќе стане жив извор во душата. „Само признај ја својата вина дека си се одметнала од својот Господ Бог.“ „И нема веќе да се гневи моето лице против вас, вели Господ“ (Еремија 3,13.12). На „жалосните во Сион“ Тој решил да им даде „венец наместо пепел, масло на радост наместо жалосно руво, песна благодарница наместо очаен дух“ (Исаија 61,3).

За оние што плачат, во искушението и жалоста постои утеха. Горчината на жалоста и понижувањето се подобри од попуштањето на гревот. Низ неволјите Бог ни ги открива слабите места во нашиот карактер за да можеме со негова милост да ги победиме нашите слабости. Непознатите поглавја во врска со самите нас ни се откриваат и настапува проверка без оглед дали ќе го прифатиме Божјиот укор и неговиот совет. Кога ќе наиде искушение, ние не треба да се гневиме и да се жалиме. Не треба да се буниме или да се трудиме да се извлечеме од Христовите раце. Треба да ја понизиме душата пред Бога. Господовите патишта се нејасни за оној што сака да ги согледа подробностите во светлина што му годи. Тие изгледаат мрачни и тажни за нашата човечка природа.

Меѓутоа, Божјите патишта се патишта на милост и крајот им е спасение. Илија не знаел што прави кога во пустината рекол оти му здодеал животот, молејќи се да умре. Господ во својата милост не го фатил за збор. Сепак, Илија требало да изврши уште едно големо дело, па кога го извршил ова дело, не требало да умре обесхрабрен и осамен в пустина. Него не го очекувало слегување во смртен прав, туку издигнување во слава во поворка на небесни бојни коли до престолот на висините.

Божјата реч за жалосните гласи: „Ги видов патиштата негови. Ќе го исцелам, ќе ги водам и ќе ги утешам оние што тагуваат со него.“ „Тагата ќе им ја претворам во радост, ќе ги утешам и ќе ги развеселам по жалоста“ (Исаија 57,18; Еремија 31,13).

„Блазе на кротките.“ Тешкотиите со кои се сретнуваме можат значително да се намалат со таа кротост што е скриена во Христа. Ако ја имаме понизноста на нашиот Учител, ќе се издигнеме над презирите, над префрлувањата и неприликите на кои сме секојдневно изложени и тие ќе престанат да го засенчуваат духот со стушеност. Највозвишен доказ за благородноста на еден христијанин е владеењето со себеси. Оној што не може за време на малтретирањето или суровоста да остане прибран, со благ и постојан дух, го лишува Бога од правото да го открие во него совршенството на својот карактер. Понизноста на срцето е сила што им донесува победа на Христовите следбеници; таа е обележје на нивната врска со горните дворови. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest