Беседа на гората (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Фарисеите се гордееле со својата послушност кон законот; па сепак, толку малку ги познавале неговите начела во секојдневниот живот, што зборовите на Спасителот им звучеле како ерес. Кога ја исчистил од бесмислиците со кои вистината била затрупана, тие сметале дека Исус ја отфрлил и самата вистина. Си дошепнувале еден на друг дека Тој го омаловажува законот. Ги читал нивните мисли и им одговорил со зборовите: „Немојте да мислите дека јас дојдов да ги укинам Законот и Пророците! Не дојдов да ги укинам туку да ги исполнам.“ Со ова Исус ги побил обвинувањата на фарисеите. Негова мисија во светот била да ги одбрани светите барања на законот за кои го обвинувале дека ги крши. Кога Божјиот закон би можел да се промени или да се укине, Христос не би требало да ги сноси последиците на нашите престапи. Тој дошол да го објасни односот на законот спрема човекот и сликовито да ги прикаже неговите правила со својот сопствен живот и послушност.

Бог ни ги дал своите прописи затоа што го сака човечкиот род. За да нè заштити од последиците на престапот, ги открил начелата на правдата. Законот е израз на Божјата милост и кога го прифаќаме во Христа, тој станува наша мисла, издигнувајќи нè над силата на природните желби и склоности, над искушенијата што водат во грев. Бог сака да бидеме среќни и радосни и затоа ни ги дава правилата на законот. При Христовото раѓање, кога ангелите пееле: „Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2,14), тие ги објавувале начелата на законот што Тој дошол да го направи голем и славен.

Кога е објавен законот на Синај, Бог на луѓето им ја објавил светоста на својот карактер, со што ја истакнал спротивноста меѓу нив и себе, за да можат да ја видат грешноста на својот карактер. Законот им е даден да ги осведочи за гревот и да им ја открие нивната потреба за Спасителот. Тој тоа би го сторил кога неговите начела би биле применети на срцето со помош на Светиот Дух. Ова дело мора трајно да се извршува. Во Христовиот живот законските начела станале јасни; и додека Божјиот Дух влијае врз срцето, додека Христовата светлина им ја открива на луѓето нивната потреба за неговата крв што чисти и за неговата праведност што оправдува, законот сè уште е средство што нè води кај Христа за да може ме да бидеме оправдани со вера. „Законот Господен е совршен, ја крепи душата“ (Псалм 19,7).

„Додека постојат небото и земјата“, рекол Исус, „нема да исчезне ниту една цртичка или една титла од законот, додека не се исполни сè.“ Сонцето што свети на небото, цврстата земја на која живееме, се Божји сведоци дека неговиот закон е непроменлив и вечен. Иако тие можат да поминат, божествените правила ќе останат. „Полесно ќе биде небото и земјата да поминат, отколку да пропадне една цртичка од законот“ (Лука 16,17). Системот на слики што укажувал на Исуса како Божје Јагне морал да се укине при неговата смрт; но правилата на десетте заповеди се непроменливи како и Божјиот престол.

Бидејќи „законот Господен е совршен“, секое оддалечување од него е зло. Христос ги осудува оние што се непослушни на Божјите заповеди и кои и другите ги учат да прават така. Животот на Спасителот, кој бил живот на послушност, ги исполнувал сите барања на законот; Тој докажал дека со човечката природа може да се држи законот и покажал совршенство на карактер што се развива со послушноста. Сите што се послушни, како и Тој што бил послушен, исто така објавуваат дека законот е „свет и заповедта е света, праведна и добра“ (Римјаните 7,12). Од друга страна, сите што ги кршат Божјите заповеди, го поткрепуваат тврдењето на сатаната дека законот е неправеден и дека не може да се слуша. На тој начин тие ги поддржуваат измамите на големиот противник и го обесчестуваат Бога. Тие се деца на сатаната кој бил прв бунтовник против Божјиот закон. Да им се дозволи ним пристап на небото, би значело повторно да се внесат никулци на неслога и бунт и да се загрози благосостојбата на вселената. Ниеден човек, кој своеволно занемарува едно начело на законот, нема да влезе во небесното царство.

Рабините својата праведност ја сметале како пропусница за небото, но Исус изјавил дека таа е недоволна и безвредна. Фарисејската праведност била сочинета од надворешни обреди и од теоретско знаење на вистината. Рабините тврделе дека се свети во своите лични напори да го одржат законот; но нивните дела ја разделиле праведноста од религијата. Додека во ситници биле точни во почитувањето на обредите, нивниот живот бил неморален и понижен. Со својата божемна праведност не би можеле никогаш да влезат во небесното царство. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest