Беседа на гората (осми дел)

(продолжува од претходниот ден) Световните начела на постапување и непроменливите начела на правдата не можат неусетно да преминуваат едно во друго, како што го прават тоа боите на виножитото. Меѓу нив вечниот Бог повлекол широка, јасна црта. Сличноста со Хрис­та толку се разликува од сличноста со сатаната, како што е денот спротивност на ноќта. Затоа само оние што живеат Христов живот се негови соработници. Ако во душата се негува макар еден грев, или ако во животот се задржува која и да било лоша навика, затруено е целото суштество. Човекот станува орудие на неправдата.

Сите што ја избрале службата на Бога треба да си починат во неговата грижа. Христос покажал на птиците што летаат под небото и на цвеќето во полето и им заповедал на своите слушатели да размислуваат за овие дела на Божјата грижа. „Зар вие не сте многу повредни од нив?“, рекол Тој (Матеј 6,26). Мерката на божественото внимание што му се подарува на секое дело е сразмерна со неговата положба на скалата на постоењето. Провидението бдее над малечкиот, сив врабец. Полското цвеќе, тревата што како килим ја покрива земјата, го делат вниманието и грижата на небесниот Отец. Уметникот над уметниците мислел и на криновите, создавајќи ги толку прекрасни, што ја надминуваат Соломоновата слава. Колку повеќе се грижи за човекот кој е слика и слава Божја! Тој копнее да ги види своите деца како откриваат карактер сличен на неговиот. Како сончевиот зрак што му дава на цвеќето шарени и нежни бои, така и Бог на душата ѝ ја дава убавината на својот карактер.

Сите што ќе го одберат Христовото царство на љубовта, правдата и мирот, правејќи го неговото добро поважно од сè друго, се поврзани со вечниот свет и ги добиваат сите благослови што се потребни за овој живот. Во книгата на Божјето провидение, во книгата на животот, секој од нас има своја страница. Таа страница ги содржи сите подробности на нашата историја; дури и влакната на главата се изброени. Бог секогаш мисли на своите деца.

„Не грижете се за утре“ (Матеј 6,34). Од ден на ден ние треба да го следиме Христа. Бог не ни подарува помош за утре. Тој на своите деца не им ги дава наеднаш сите упатства за нивниот животен пат, за да не се збунат. Тој им кажува само толку колку што можат да запаметат и да извршат. Силата и мудроста што се подаруваат се за сегашните итни потреби.

„Но ако некому од вас му недостига мудрост“ за денеска, „нека ја бара од Бога, кој им дава на сите изобилно и безпрекор и ќе му биде дадена“ (Јаков 1,5).

„Не судете за да не ви се суди.“ Не сметајте се себеси за подобри од другите луѓе и не поставајте се себеси за нивни судии. Бидејќи не можете да ги разберете побудите, не можете да му судите на другиот. Критикувајќи го него, навлекувате осуда на себе, зашто покажувате дека сте соучесник на сатаната, на озборувачот на браќата. Господ вели: „Испитувајте се сами себеси дали сте во верата, проверете се сами себе!“ Тоа е наша задача. „Ако се осудуваме сами себеси, нема да ни се суди“ (2. Коринќаните 13,5; 1. Коринќаните 11,31).

Доброто дрво раѓа добри плодови. Ако плодот не е вкусен и не е корисен, дрвото е лошо. Така и плодот што го носи животот дава доказ за состојбата на срцето и за совршенството на карактерот. Добрите дела никогаш нема да го откупат спасението, но тие се доказ за верата што дејствува низ љубовта и ја чисти душата. Па иако вечната награда не се дава поради нашите заслуги, сепак таа ќе биде во сразмера со работата извршена со Христова милост.

На тој начин Христос ги изложил начелата на своето царство и укажал на нив како на големи животни правила. За да ја истакне поуката, додал еден сликовит пример. Не е доволно, рекол, само да ги слушате моите зборови. Преку послушноста тие мора да станат темел на вашиот карактер. „Јас“ е само жив песок. Ако ѕидате на човечки теории и изуми, вашата куќа ќе се урне. Неа ќе ја збришат ветриштата на искушенијата, луњите на проверката. Меѓутоа, овие начела што ви ги дадов јас ќе преодолеат. Примете ме; ѕидајте на моите зборови: „Секој што ги слуша овие мои зборови и ги извршува, може да се спореди со мудар човек кој изградил куќа врз карпа. Падна пороен дожд, надојдоа потоци, дувнаа ветрови и се устремија на куќата, но таа не се урна, зашто беше изградена врз карпа“ (Матеј 7,24.25).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest