„Ако сакаш, можеш да ме исчистиш“ (прв дел)

Од сите болести на исток лепрата била најстрашна. Нејзината неизлечливост, заразноста и ужасните последици врз жртвите, ги исполнувале со страв и најхрабрите. Таа меѓу Евреите е сметана за осуда поради гревот, и оттаму е нарекувана „удар“, „Божји прст“ (Псалм 39,10; 2. Мојсеева 8,19). Длабоко вкоренета, неуништлива, смртоносна, лепрата е сметана за знамение на гревот. Обредниот закон лепрозниот го прогласувал за нечист. Како веќе мртов, бил изделуван од човечките населби. Сè што ќе допрел било нечисто. Воздухот бил заразен со неговиот здив. Оној за кого се сомневало дека заболел, морал да им се покаже на свештениците кои го испитувале и решавале за неговиот случај. Ако е прогласен за лепрозен, бил изделуван од семејството, отсечен од заедницата на Израелците и осуден на дружење само со оние што боледувале од истата болест. Законот бил строг во своите барања. Дури ни царевите и владетелите не биле исклучок. Владетелот што заболел од оваа страшна болест морал да го одложи жезолот и да го напушти општеството.

Далеку од своите пријатели и роднини, лепрозниот морал да го носи проклетството на својата болест. Бил присилен да ја објавува својата несреќа, да ја искине својата облека и да огласи тревога, предупредувајќи ги сите да бегаат од неговото заразно присуство. Извикот: „Нечист! Нечист!“ што се јавувал со плачен глас од осамените места на прогонството, бил предупредување што се слушало со страв и ужас.

Во делокругот на Христовата служба имало многу такви страдалници и веста за неговата мисија допирала до нив, поттикнувајќи зрак на надеж. Меѓутоа, од времето на пророкот Елисеј не било познато такво нешто да се исчисти човек за кого се прилепила оваа болест. Не се осмелувале од Исуса да очекуваат да го стори за нив она што никогаш не е сторено ниту за еден човек. Но постоел еден во чиешто срце се разбудила вера. А сепак, не знаел како да дојде до Исуса. Лишен од допирот со своите ближни, како може да се појави пред големиот Исцелител? Се прашувал дали Христос ќе сака да го исцели него. Дали ќе се наведне да го забележи човекот за кого се верувало дека страда од Божјиот суд? Дали можеби Тој, како фарисеите, па дури и како лекарите, ќе изрече проклетство над него и ќе го предупреди да го напушти собирот на луѓето? Размислувал за сè што му било кажано за Исуса. Ниеден што барал од него помош не бил одбиен. Кутриот решил да го најде Спасителот. Иако морал да ги одбегнува градовите, можеби ќе може да го сретне на некоја споредна патека долж планинските патишта или ќе го најде надвор од градовите како учи. Тешкотиите изгледале непремостливи, но тоа била негова единствена надеж.

Лепрозниот е поведен кај Спасителот. Исус учи крај езерото и околу него е собран народ. Стоејќи од далеку, лепрозниот разбира неколку зборови од усните на Спасителот. Го гледа како положува раце врз болните. Гледа улогави, слепи, фатени и оние што се на претсмртна постела од различни болести како стануваат здрави, фалејќи го Бога за своето ослободување. Во неговото срце верата се засилува. Тој сè повеќе се приближува кон собраното мноштво. Ограничувањата што му се натурени, безбедноста на луѓето и стравот со кој го посматраат сите сето тоа е заборавено. Тој мисли само на блажената надеж на исцелувањето.

Неговата појава била ужасна. Болеста е страшно поодмината и неговото тело во распаѓање било ужасно да се погледне. Кога го забележале, луѓето со страв се повлекле. За да го избегнат допирот со него, удриле прекутрупа. Некои се обиделе да го спречат да му се приближи на Исуса, но попусто. Тој не ги видел ниту ги чул. Нивните изрази на одвратност не допираат до него. Тој го гледа само Божјиот Син. Тој го слуша само гласот кој им дава живот на оние што умираат. Протуркувајќи се до Исуса, се фрла пред неговите нозе со извикот: „Господе! Ако сакаш, можеш да ме исчистиш!“

Исус одговорил: „Сакам, исчисти се!“, и ставил рака врз него.

Лепрозниот веднаш го зафатила промена. Неговото тело станало здраво, неговите нерви чувствителни, неговите мускули цврсти. Грубата, лушпеста површина, својствена за лепрата, исчезнала, а се појавила мека румена кожа како во здраво дете. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest