„Ако не видите знаци и чуда“ (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Како и Јаков, тој победил. Спасителот не може да се оддалечи од душата која, изнесувајќи ја својата голема потреба, цврсто се држи за него. „Оди си“, рекол, „твојот син е жив.“ Благородникот во мир и со радост, што никогаш порано не ги познавал, го напуштил Спасителот. Не само што верувал дека неговиот син ќе оздрави, туку со цврста доверба верувал во Христа како во свој Откупител.

Истиот миг, оние што бдееле во домот во Капернаум крај детето што умирало, забележале ненадејна и таинствена промена. Од лицето на страдалникот е повлечена сенката на смртта. Трескавоста е заменета со руменило на здравјето што се враќало. Испиените очи засветиле со живот и во слабото, премалено тело, повторно се вратила силата. На детето не се забележувале веќе никакви траги на болест. Неговото трескавично тело станало опуштено и влажно и тоа потонало во мирен сон. Треската го напуштила среде најголемата горештина на денот. Семејството било восхитено и настанала голема радост.

Кана не била толку далеку од Капернаум и службеникот можел да се врати дома таа вечер по разговорот со Исуса; но тој не брзал да се врати дома. Какво враќање! Кога отишол да го најде Исуса, неговото срце било преполно со тага. Сончевиот сјај му изгледал свиреп, а песните на птиците потсмев. Сега неговите чувства се наполно поинакви! Целата природа како да има нов изглед! Тој гледа со нови очи. Додека патува во тивкото рано утро, целата природа како да го фали Бога заедно со него. Додека сè уште се наоѓа на извесна далечина од својот дом, слугите му излегуваат во пресрет со желба да го отстранат стравот кој, како што верувале, тој сигурно го чувствува. Тој не бил изненаден со вестите што му ги донеле, но со длабоко интересирање, што тие не можеле да го сфатат, прашал во кој час на детето му било подобро. Одговориле: „Вчера во седум часот го напушти треската.“ Истиот миг кога верата на таткото се фатила за сигурното ветување: „Твојот син е жив“, божествената љубов го допрела детето што умирало.

Таткото побрзал да го поздрави својот син. Го пригрнал на своето срце како оној што е вратен од мртвите и без престан му благодарел на Бога за ова чудесно исцелување.

Благородникот копнеел да дознае повеќе за Христа. Подоцна, кога го слушнал неговото учење, тој и сите негови домашни станале Исусови ученици. Нивната несреќа била благословена со преобраќање на целото семејство. Вестите за чудото се ширеле; и во Капернаум, во кој Христос сторил толку силни дела, му бил приготвен патот за лична служба.

Оној што го благословил благородникот од Капернаум, исто толку сака да нè благослови и нас. Меѓутоа, како и ујадениот татко, ние често го бараме Исуса заради некое земно добро, и дури откако ќе се исполни нашето барање, покажуваме доверба во неговата љубов. Спасителот копнее да ни даде поголем благослов од оној што го бараме, одложувајќи го одговорот на нашето барање за да ни го покаже злото на нашите срца и нашата длабока потреба од неговата милост. Тој сака да ја отфрлиме себичноста, а тоа ќе нè наведе да го побараме. Признавајќи ја нашата беспомошност и нашата итна потреба, треба целосно да ѝ се довериме на неговата љубов.

Пред да поверува, благородникот сакал да види дека неговата молитва е исполета, но морал да го прифати Исусовиот збор дека неговата молба е примена и дека му е подарен благослов. Ние исто така треба да ја научиме оваа поука. Не треба да веруваме затоа што гледаме или чувствуваме дека Бог нè слуша. Ние мораме да се потпреме врз неговите ветувања. Кога ќе му пристапиме со вера, секоја наша молба влегува во Божјето срце. Кога сме барале негов благослов, треба да веруваме дека го примаме и да му заблагодариме што сме го примиле. Тогаш треба да ги прифатиме нашите должности, уверени дека благословот ќе го примиме кога ќе ни биде најпотребен. Кога ќе научиме да правиме така, ќе знаеме дека нашите молитви се примени. Бог „може да стори неспоредливо повеќе“, „според богатството на својата слава“ и „според неговата силна моќ“ (Ефесците 3,20.16; 1,19).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest