Повик (прв дел)

„Дојдете кај мене сите што сте онемоштени и обременети, а јас ќе ви дадам починка.“ Овие утешни зборови Исус му ги упатил на мноштвото што го придружувало. Спасителот рекол дека само со негова помош луѓето можат да се здобијат со сознание за Бога. За своите ученици велел дека примиле сознание за небесните големини. Не дозволил никој да се чувствува изделен од неговата грижа и љубов. Сите што се уморни и натоварени можат да дојдат кај него.

Закониците и рабините со своето дребничаво почитување на религиозните форми чувствувале потреба која обредите, поврзани со покајанието, никогаш не можеле да ја задоволат. Цариниците и грешниците можеле да се преправаат дека се задоволни со сетилното и земното, но нивните срца биле исполнети со недоверба и со страв. Исус ги посматрал жалосните и оние чиешто срце било оптоварено, оние што загубиле надеж и што се обидувале со земни радости да ја смират душата исполнета со копнеж, повикувајќи ги сите во него да најдат одмор.

Нежно ги повикал луѓето што работеле напорно: „Земете го мојот јарем на себе и научете се од мене, зашто јас сум кроток и понизен по срце; а вие ќе најдете починка за своите души.“

Со овие зборови Христос му се обраќа на секое човечко суштество. Без оглед дали го знаат тоа или не, сите се уморни и натоварени. Сите се притиснати со товари што само Христос може да ги отстрани. Најтежок товар што го носиме е товарот на гревот. Кога би биле оставени сами да го носиме овој товар, тој би нè уништил. Меѓутоа, Безгрешниот го зазел нашето место. „А Господ ги натовари на него сите наши беззаконија“ (Исаија 53,6). Тој го понел товарот на нашата вина. Тој ќе го симне товарот од нашите уморни плеќи. Тој ќе ни даде одмор. Тој ќе го понесе и товарот на грижите и жалостите. Тој нè повикува да ги ставиме сите наши грижи на него, зашто нè носи на срце.

Постариот Брат на нашиот човечки род е крај вечниот престол. Тој посматра секоја душа што го насочува своето лице кон него како кон Спасител. Од искуство ги знае слабостите на човечкиот род, кои се наши потреби и каде почива тежината на нашите искушенија, зашто Тој бил искушан во сè како и ние, само што не згрешил. Тој бдее над тебе, Божје дете, кое се тресеш. Дали си во искушение? Тој ќе те ослободи. Дали си слаб? Тој ќе те засили. Дали не знаеш? Тој ќе те просветли. Дали си ранет? Тој ќе те исцели. Господ „го знае бројот на ѕвездите“, па сепак, „Тој ги исцелува ранетите души и ги преврзува нивните рани“ (Псалм 147,4.3). „Дојдете кај мене“, е неговиот повик. Какви и да се твоите стравувања и искушенија, изнеси го својот случај пред Господа. Твојот дух ќе биде засилен да издржи. Патот ќе биде отворен пред тебе да се ослободиш од понижувањата и од тешкотиите. Колку повеќе си свесен за својата слабост и беспомошност, толку посилен ќе станеш во неговата сила. Колку потежок е твојот товар, толку поблажен ќе биде одморот кога ќе му го довериш на Носачот на бремињата. Одморот што го нуди Христос зависи од условите што се јасно одредени. Овие услови може секој да ги исполни. Тој јасно ни кажува како може да се најде неговиот одмор.

„Земете го мојот јарем на себе“, вели Исус. Јаремот е орудие на службата. Добитокот се впрега во јарем за да работи, а јаремот е неопходен за да може успешно да работи. Со овој сликовит приказ Христос нè учи дека сме повикани во служба сè додека трае нашиот живот. Мораме да го земеме на себе неговиот јарем за да можеме да станеме негови соработници.

Јаремот што нè врзува за службата е Божјиот закон. Големиот закон на љубовта, откриен во Едем, објавен на Синај, а во Новиот завет напишан во срцето, е она што го врзува човекот кој работи по Божја волја. Кога би биле оставени да ги следиме нашите наклоности, да одиме таму каде што би нè водела нашата волја, ние би застанале во редовите на сатаната и би ги усвоиле неговите особини. Затоа Бог нè врзува за својата љубов која е возвишена, благородна и која издигнува. Тој сака стрпливо и мудро да ги преземеме должностите на службата. И Христос го понел јаремот на службата во човечка природа. Тој рекол: „Мило ми е, Господе, да ја извршувам волјата твоја; законот твој го носам длабоко во срцето“ (Псалм 40,8). „Јас не слегов од небото за да ја извршувам мојата волја, туку волјата на Оној кој ме прати“ (Јован 6,38). Љубовта кон Бога, ревноста за неговата слава и љубовта кон паднатиот човечки род, го довеле Исуса на земјата да страда и да умре. Тоа била сила што владеела со неговиот живот. Тој ни заповеда да го усвоиме тоа начело.

Има многу такви чиешто срце страда од болка под товарот на грижите затоа што сакаат да постигнат световен идеал. Тие избрале да му служат на светот, ги прифатиле неговите тешкотии, ги усвоиле неговите обичаи. На тој начин нивниот карактер е нарушен, а нивниот живот истоштен. За да ги задоволат славољубието и световните желби, ја повредуваат совеста и врз неа ставаат дополнителен товар на грижа. Постојаната грижа ги исцрпува животните сили. Нашиот Господ сака тие да го отфрлат овој ропски јарем. Тој ги повикува да го прифатат неговиот јарем и вели: „Зашто мојот јарем е поднослив и мојот товар е лесен.“ Тој им заповеда најпрво да го бараат Божјето царство и неговата праведност и ветува дека ќе им се додаде сè што им е потребно за овој живот. Грижата е слепа и не може да ја сфати иднината, но Исус од почеток го гледа крајот. Во секоја тешкотија Тој има подготвен свој пат да ни донесе олеснение. Нашиот небесен Отец има илјадници начини да се грижи за нас, за кои ние не знаеме ништо. Оние што ќе го прифатат начелото службата и прославувањето на Бога да ги стават на прво место, ќе сфатат како тешкотиите исчезнуваат и како пред нозете им е израмнета патеката. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest