Кога се исполни времето (прв дел)

„А кога се исполни времето, Бог го прати својот Син… за да ги откупи оние кои се под законот, да бидеме посинети“ (Галатите 4,4.5). Доаѓањето на Спасителот било преткажано во Едем. Кога Адам и Ева првпат го чуле ветувањето, очекувале тоа бргу да се исполни. Тие со радост го поздравиле раѓањето на својот првенец, надевајќи се дека можеби тој ќе биде Избавителот. Меѓутоа, исполнувањето на ветувањето се одолжило. Оние што први го примиле ова ветување умреле, без да го видат не­говото исполнување. Почнувајќи од деновите на Еноха, ова ветување го повторувале патријарсите и пророците, одржувајќи ја жива надежта во неговото доаѓање, но Тој уште не доаѓал. Пророштвото на Даниел го открило времето на неговото доа­ѓање, но сите не ја протолкувале правилно веста. Минувале векови и гласовите на пророците исчезнале. Раката на угнету­вачот станувала сè потешка за Израел и мнозина биле готови да извикнат: „Деновите поминуваат, а од пророштвото нема ништо“ (Езекил 12,22).

Меѓутоа, како ѕвездите што се движат по одредени патеки низ бесконечните пространства, Божјите намери не познаваат избрзување ниту задоцнување. Со симболи на густа темнина и со печка што чури, Бог на Аврама му го открил израелското ропство во Египет и објавил дека тие таму ќе престојуваат чети­ристотини години. „Потоа“, рекол Тој, „тие ќе излезат со големо богатство“ (1. Мојсеева 15,14). Против тие зборови на празно се борела сета сила на фараоновото горделиво царство. „Во истиот ден“, кој е одреден во божественото ветување, „излегоа сите Господови војски од египетската земја“ (2. Мојсеева 12,41). Исто така на небесниот совет е одреден часот на Христовото доаѓање. Кога големиот часовник на времето го покажал тој час, Исус се родил во Витлеем.

„Кога се исполни времето, Бог го прати својот Син“. Про­видението управувало со движењата на народите и со плимата на човечките побуди и влијанија сè додека светот не созреал за доаѓањето на Избавителот. Народите биле обединети под едно владетелство. Се зборувал еден јазик кој секаде бил признат како книжевен јазик. Евреите, кои биле растурени, се собирале од сите земји во Ерусалим на годишните празници. Враќајќи се во своите места, можеле по цел свет да ја рашират веста за доаѓањето на Месија.

Во тоа време незнабожечките системи ја губеле својата моќ над народот. Луѓето биле уморни од надворешниот сјај и од митовите. Копнееле за вера што би можела да ја задоволи душата. Иако се чинело дека светлината на вистината ги напуш­тила луѓето, имало души кои ја барале и кои биле збунети и исполнети со тага. Тие биле жедни за сознание за живиот Бог и за некаква сигурност во живот по гробот.

Бидејќи Евреите се оддалечиле од Бога, нивната вера потем­нела и надежта речиси престанала да ја осветлува нивната иднина. Зборовите на пророците не се сфаќале. За народните маси смртта била ужасна тајна; од другата страна била неиз­весност и темнина. До пророците низ вековите допирале не само лелеците на мајките од Витлеем, туку и плачот на големото срце на човештвото ­ гласот што се слушнал во Рама: „Плач, пискоти и силни лелеци: Рахела тажи за своите деца ­не утешна што ги нема“ (Матеј 2,18). Во областа на „смртната сенка“ луѓето биле неутешени. Со копнеж во очите тие го очекувале доаѓањето на Избавителот, кога темнината ќе се растера и кога ќе се разјасни тајната на иднината.

Надвор од еврејскиот народ постоеле луѓе кои преткажу­вале дека ќе се појави божествен Учител. Овие луѓе ја барале вистината и ним им е даден пророчки Дух. Еден по еден, како ѕвезди на темното небо, се подигнувале такви луѓе. Нивните пророчки зборови запалиле надеж во срцата на илјадници среде незнабожечкиот свет.

Веќе стотици години Библијата била преведена на грчки јазик кој тогаш бил во широка употреба во целата Римска им­перија. Евреите биле насекаде распрснати, а во извесна мера, заедно со нив, и незнабошците го очекувале Месија. Меѓу оние што Евреите ги сметале за незнабошци имало луѓе кои подоб­ро ги разбирале библиските пророштва за Месија отколку учителите во Израел. Имало такви кои се надевале декаТој ќе дојде како ослободител од гревот. Филозофите се обидувале да проникнат во тајната на еврејскиот начин на живеење. Меѓу­ тоа, фанатизмот на Евреите го спречувал ширењето на свет­лината. Живеејќи изолирано од другите народи, тие не сакале да го поделат знаењето што сè уште го имале за симболичката служба. Мора да дојде вистинскиот Толкувач. Нивното значење мора да го објасни Оној кого го прикажувале сите овие симболи. (продолжува)

 

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest