„Бог е со нас“ (трети дел)

(продолжува од претходниот ден) Тоа била доброволна жртва. Исус можел да остане крај својот Отец. Тој можел да ја задржи небесната слава и почитувањето од ангелите. Меѓутоа, Тој решил да го врати жезолот во рацете на Отецот и да слезе од престолот на вселената за да може да им донесе светлина на оние што се во мрак и живот на оние што гинат.

Пред речиси две илјади години, од небото, од Божјиот престол, се слушнал глас со таинствено значење: „Еве, доаѓам“. „Не сакаше ни жртви ни дарови, но ми приготви тело… Еве, доаѓ ам ­ за мене е напишано во книгата ­ да ја исполнам волјата твоја, о Боже“ (Евреите 10,5­7). Со овие зборови е објавено исполнувањето на целта што била скриена од вечни времиња. Христос бил готов да го посети нашиот свет и да се отелотвори. Тој вели: „Но ми приготви тело“. Кога би се појавил во славата што ја имал заедно со Отецот пред создавањето на светот, ние не би можеле да ја поднесеме светли ната на неговото присуство. За да можеме да ја гледаме, а да не загинеме, неговата слава била придушена. Неговата божес твена природа била обвиена во човечка природа ­ невидливата слава се јавила во видлива човечка лика.

Оваа голема цел била навестена во слики и симболи. Грмушката што горела, во која Христос му се јавил на Мојсеја, го откривала Бога. Оваа малечка грмушка, навидум не привлечна, била симбол избран да го прикаже Божеството. Таа го криела Бесконечниот. Семилостивиот Бог ја криел својата слава со наједноставна слика за Мојсеј да може да ја гледа и да живее. Така и во столбот од облак дење и во столбот од оган ноќе Бог одржувал врска со Израел, откривајќ и им ја на луѓето својата волја и покажувајќи им ја својата милост. Божјата слава била придушена, а неговото величество обвиено со превез за слабиот вид на ограничените луѓе да може тоа да го гледа. Така Христос требало да дојде во „понижено тело“, „сличен со луѓето“ (Филипјаните 3,21; 2,7). Пред очите на светот Тој немал убавина заради која би го посакале. Сепак, бил отелотворен Бог, небесна и земна светлина. Неговата слава исто така била обвиена со превез. Неговата големина и величество биле скриени за да може да им се приближи на тажните луѓе изложени на искушенија.

Бог му заповедал на Мојсеја за Израел: „Нека ми направат светилиште за да престојувам меѓу нив“ (2. Мојсеева 25,8) ­ и Бог престојувал во светилиштето, среде својот народ. Во текот на целото нивно заморно талкање низ пустината, симболот на неговото присуство бил со нив. Така Христос својот шатор го поставил среде нашиот човечки логор. Тој својот шатор го подигнал покрај нашите шатори за да може да се насели меѓу нас и да нè запознае со својот божествен карактер и живот. „Речта стана тело кое се всели меѓу нас. И ние ја гледавме него вата слава ­ славата што ја има како единороден од Отецот ­ полн со милост и вистина“ (Јован 1,14).

Откако Исус дошол да живее меѓу нас, знаеме дека Бог ги познава нашите искушенија и сочувствува со нас во нашите жалости. Секој Адамов син и ќерка може да сфати дека нашиот Творец е пријател на грешниците, зашто во секоја наука за милоста, во секое ветување за радоста, во секое дело на љубовта, во секоја божествена привлечна сила што се покажала во животот на Спасителот на земјата, ние гледаме дека „Бог е со нас“.

Сатаната Божјиот закон на љубовта го претставува како закон на себичноста. Тој тврди дека ние не можеме да живееме според неговите правила. Го обвинува Творецот за падот на нашите прародители и за сите страдања што настанале, наведувајќи ги луѓето Бога да го сметаат за зачетник на гревот, на страдањата и смртта. Исус требало да ја разоткрие оваа измама. Тој како човек требало да покаже пример на послушност. Заради тоа зел на себе наша, човечка природа, и поминал низ нашите искуства. „Затоа требаше во сè да стане како своите браќа“ (Евреите 2,17). Кога би морале ние да поднесеме макар и една ситница што Исус не ја поднел, сатаната заради таа ситница би тврдел дека Божјата сила е недоволна за нас. Заради тоа Христос „во сè бил искушан како нас“ (Евреите 4,15). Тој поминал низ секое искушение низ кое поминуваме ние и во своја полза не употребил никаква сила што не ни е дарежливо понудена и нам. Како човек се соочил со искушението и го совладал со силата што му била дадена од Бога. Тој вели: „Мило ми е, Господе, да ја извршувам волјата твоја ­ законот твој го носам длабоко во срцето“ (Псалм 40,8). Додека правел добро и ги лекувал сите што ги ујадил сатаната, Тој на луѓето јасно им укажувал на карактерот на Божјиот закон и на природата на својата служба. Неговиот живот сведочи дека и ние можеме на ист начин да го исполниме Божјиот закон.

Со својата човечка природа Христос го допрел човештвото, а со својата божествена природа бил поврзан со Божјиот престол. Како Син човечки ни дал пример на послушност; како Син Божји ни дава сила да послушаме. Христос бил тој кој од грмушката на планината Хорив му проговорил на Мојсеја: „ЈАС СУМ ОНОЈ ШТО Е… Вака ќе им кажеш на синовите Израелови: ‘ЈАС СУМ ме прати кај вас’“ (2. Мојсеева 3,14). Тоа било гаранција за ослободување на Израел. Кога дошол „како втор Адам“ (Филипјаните 2,7), Тој се претставил како ЈАС СУМ. Детето од Витлеем, кроткиот и понизен Спасител, е Бог кој се „јави во тело“ (1. Тимотеј 3,16). А нам ни вели: „ЈАС СУМ добар пастир“. „ЈАС СУМ жив леб“. „ЈАС СУМ патот, вистината и животот“. „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Јован 10,11; 6,51; 14,6; Матеј 28,18). ЈАС СУМ сигурност на секое ветување. ЈАС СУМ, не плашете се. „Бог е со нас!“ Тоа е гаранција за нашето ослободување од гревот, сигурност за нашата сила да го послушаме небесниот закон. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest