„Бог е со нас“ (прв дел)

„Ќе го наречат Емануел,… Бог е со нас“. „Славата Божја“ се видела „на лицето на Исуса Христа“ (2. Коринќаните 4,6). Господ Исус Христос бил едно со Отецот од вечни времиња; Тој бил „Божји образ“, образ на неговата големина и величество, „сјај на неговата слава“ (Евреите 1,3). Тој дошол на нашиот свет да ја објави таа слава. Дошол на оваа, со грев затемнета земја, да ја открие светлината на Божјата љубов, да биде „Бог со нас“. Затоа за него е пророкувано: „Ќе го наречат Емануел“.

Доаѓајќи да живее меѓу нас, Исус требало да им го открие Бога и на луѓето и на ангелите. Тој бил Божја реч, ­Божја мисла што можела да се чуе. Во својата молитва за своите ученици Тој рекол: „Им го објавив името твое“ (Јован 17,26) „милослив и жалослив, бавно се гневи, богат со љубов и со верност“; „љубовта, со која ме милееше мене, да биде во нив, и јас во нив“. Меѓутоа, ова откровение не им е дадено само на неговите деца на земјата. Нашиот малечок свет е учебник за вселената. Божjата прекрасна намера, проникната со милост, тајната на спасоносната љубов ­ е тема во која „сакаат да проникнат ангелите“ и која ќе се проучува низ бесконечните векови. Избавените и безгрешни суштества во Христовиот крст ќе пронајдат своја наука и своја песна. Ќе видат дека славата што блескоти од Христовото лице всушност е славата на неговата самопрегорна љубов. Во светлината од Голгота ќе се види дека законот на таа самопрегорна љубов е закон на животот за земјата и за небото; дека љубовта која „не го бара своето” има свој извор во Божјето срце; дека во Оној, кој бил кроток и понизен, се открил карактерот на Оној кој живее во светлина кон која ниеден човек не може да пристапи.

Од почеток Бог се открил во своите дела што ги создал. Христос бил тој кој ги распрострел небесата и ги положил темелите на земјата. Неговата рака ги поставила световите во просторот и го обликувала полското цвеќе. „Со својата моќ ја создаде секоја планина“. „Негово е морето, Тој го создаде“ (Псалм 65,6; 95,5). Христос ја наполнил земјата со убавини и воздухот со песни, и пораката на љубовта на Отецот ја напишал на сите дела на земјата, во воздухот и на небото.

Иако сега неговото совршено дело е оштетено со гревот, сепак останува она што е напишано. Дури и денеска, сè што е создадено, ја воспева славата на неговото совршенство. Не постои ништо во вселената ­ освен себичното човечко срце ­ што живее само за себе. Нема птица што лета во воздухот, ниту животно што се движи на земјата, да не му служи на некој друг живот! Не постои ниту еден лист во шумата, или скромно тревно клавче, да нема своја служба. Секое дрво, грмушка и лист, излеваат животни состојки без кои ниту чове­кот ниту животното не би можеле да живеат, а пак, и човекот и животното, се поврзани со животот на дрвото, на грмушката и на листот. Цвеќето точи чудесен мирис и ја открива својата убавина како благослов на овој свет. Сонцето ја лее својата светлина за да развесели илјадници светови. Океанот, иако извор на сите наши извори и кладенци, ги прима реките од секоја земја, но зема за да даде. Маглите што излегуваат од неговите пазуви паѓаат како дожд и ја натопуваат земјата, со цел на неа да може да никнува и да пупи. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest