НАШИТЕ ВЕРУВАЊА

Како христијани – адвентисти ние веруваме дека Библијата е единственото мерило за верата и животот. Во секоја библиска доктрина и верување се открива љубовта на нашиот Господ. Во Библијата се среќаваме со Личност (Исус Христос), која има безусловна љубов и преданост, љубов која во човечката историја не може да се спореди со ништо друго. Признавајќи дека Тој, кој е овоплотување на вистината, е бесконечен, ние понизно признаваме дека постојат уште многу вистини кои треба да се откријат.

Свесни сме за својот долг кон богатите библиски вистини кои сме ги примиле од христијанската црква. Искрено го почитуваме благородниот низ на сведоци – како што се Виклиф, Хус, Лутер, Тиндал, Калвин, Кнокс и Весли – чие што напредување во новата светлина ја повело Црквата напред – кон целосно разбирање на Божјиот карактер. „А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сè појасна до полниот ден“ (Пословици 4,18). Сепак, секогаш кога ќе откриеме нови вистини на Божјото откровение, тие треба да останат во совршена хармонија со единственото сведоштво на Светото писмо. Длабоко веруваме дека сите доктрини, правилно сфатени, се фокусираат на Исус Христос – Патот, Вистината и Животот – и дека заради тоа се многу важни. Доктрините ја одредуваат дефиницијата за карактерот на Бога на кого Му служиме. Тие ги толкуваат случувањата, како минати така и сегашни, оживувајќи го чувството за местото и целта во вселената. Тие ги опишуваат Божјите цели и намери во текот на Неговото делување. Доктрините се водич за христијаните, внесувајќи стабилност таму каде што инаку би се појавиле неурамнотежени искуства, вградувајќи сигурност во општеството кое ги порекнува апсолутните вредности. Библиските доктрини го хранат човечкиот ум и поставуваат цели кои ги вдахнуваат христијаните и ги мотивираат да се грижат за другите. Доктрината во чие средиште се наоѓа Христос врши три очигледни функции: (1) таа ја изградува Црквата, (2) ја чува вистината и (3) го објавува Евангелието во сето негово богатство. Вистинската доктрина не поттикнува само вера – таа има потреба и од акција. Со Светиот Дух христијанските верувања стануваат дела на љубов. Вистинското познавање на Бога, Неговиот Син и Светиот Дух е „знаење кое спасува“.

КОЈ Е БОГ?

Бог е љубов, сила и милина – а Бог е и тајна. Неговите патишта се далеку над нашата моќ на разбирање, но Тој е секогаш близу до нас. Бог е бесконечен, а сепак близок, тројца – а сепак еден, сѐ знае – а сепак простува. Сета вечност ќе ја поминеме негувајќи го односот со Бог Таткото, Синот и Светиот Дух.

Наспроти одвоеноста што ја предизвикува гревот, Бог себеси се открил на многу начини. Библијата е сторија за Бога кој настојува повторно да се поврзе со своите деца и таа е главниот начин кој Бог го користи за да нѐ досегне. Како мозаик од писатели, стилови и перспективи, Библијата го открива Бога кој е секогаш креативен, секогаш стрплив и секогаш настојува да го обнови нашиот однос со Него. Иако ја пишувале обични луѓе, таа со посредство на Духот продира до нашите срца, ги отвора нашите очи и нѐ убедува да живееме за Него. Бог Таткото нѐ досегнал на најдраматичен начин преку својот Син Исус, кој избрал да стане еден од нас. Роден како човек за ние да можеме да бидеме родени во Духот, Исус ни ги покажал Божјата љубов и карактер. Она што ние не би можеле да го направиме за нас самите, Тој го направил, плаќајќи ја цената за нашите гревови, умирајќи наместо нас за ние да можеме да живееме вечно. Тој ја победил смртта преку воскресението и ветил дека ќе се врати да нѐ земе дома. Во меѓувреме, Бог не нѐ оставил сами. Светиот Дух е тука да нѐ теши, води и преобразува за да можеме да живееме како сведоци на Божјата љубов. Истиот Дух кој ги вдахнувал пророците и го ополномоштил Исуса, кој ја оформил Библијата и го создал овој свет, нѐ оспособува и го ополномоштува секого од нас. Духот го активира „Христовото тело“ (Црквата), преку духовни дарови и понизен став на служба и сочувство.

1. БОЖЈОТО СЛОВО
Светото Писмо, Стариот и Новиот завет е пишано Божјо слово дадено преку божествено вдахновение на светите Божји луѓе кои говореле и пишувале онака како ги водел Светиот Дух. Во ова Слово Бог му го дава на човекот знаењето потребно за спасение. Светото Писмо е непогрешливо откровение на Неговата волја. Тоа е мерило за карактерот, тест за искуствата, авторитативен толкувач на доктрини и верен запис на Божјите дела низ историјата. (Псалм 119,105.; Пословици 30,5.6.; Исаија 8,20.; Јован 17,17.; 1. Солунјаните 2,13.; Евреите 4,12.; 2. Тимотеј 3,16.17.; 2. Петрово 1,20.21)

2. БОЖЕСТВОТО
Постои еден Бог: Татко, Син и Свети Дух, заедница на три еднакво вечни личности. Бог е бесмртен, семоќен, сезнаен, над сѐ и насекаде присутен. Тој е бесконечен и ја надминува моќта на човечкото сфаќање, но сепак познат преку откривањата за Себе. Тој е вечно достоен да Го почитуваат, да Го обожуваат и да Му служат сите созданија. (Второзаконие 6,4.; Матеј 28,19.; 2. Коринтјаните 13,14.; Ефесјаните 4,4-6.; 1. Петрово 1,2.; 1. Тимотеј 1,17.; Откровение 14,7.)

3. БОГ ТАТКОТО
Бог вечниот Татко е Творец, Извор, Одржител и Владетел на целокупното создавање. Тој е праведен и свет, милостив и полн со милосрдие, спор на гнев и обилен со непоколеблива љубов и верност. Особините и силата кои се покажале во Синот и Светиот Дух исто така се откровение за Отецот. (Битие 1,1.; Излез 34,6.7.; Јован 3,16.; 14,9.; 1. Коринтјаните 15,28.; 1. Тимотеј 1,17.; 1. Јованово 4,8.; Откровение 4,11.)

4. БОГ СИНОТ
Бог вечниот Син е овоплотен во Исуса Христа. Преку Него е создадено сѐ, откриен е Божјиот карактер, извршено е спасението на човечкиот род и судот на светот. Живиот Бог за сета вечност станал и навистина човек – Исус Христос. Зачнат е од Светиот Дух и Го родила девица Марија. Живеел и ги искусил искушенијата како човечко суштество, но со совршен пример ја покажал Божјата праведност и љубов. Преку своите чуда ја открил божествената сила и умрел на крстот за нашите гревови, наместо нас, воскреснал од мртвите и се вознел на Небото, каде посредува за нас во небесното светилиште. Тој ќе дојде повторно во слава за да го ослободи својот народ и да обнови сѐ на земјата. (Лука 1,35.; Јован 1,1-3.14.; 5,22.; 10,30.; 14,1-3.; Римјаните 6,23.; 1. Коринтјаните 15,3.4.; 2. Коринтјаните 5,17-19.; Колосјаните 1,15-19.; Евреите 2,9-18.; 8,1.2.; Филипјаните 2,5-11.)

5. БОГ СВЕТИОТ ДУХ
Бог вечниот Дух бил активен со Таткото и Синот при создавањето, овоплотувањето и откупувањето. Тој ги вдахнувал писателите на Светото Писмо. Тој го исполнувал Христовиот живот со сила. Тој ги привлекува и ги осведочува човечките суштества, а оние кои ќе одговорат на Неговиот повик, ги обновува и преобразува во Божјиот лик. Испратен од Таткото и Синот да биде постојано со Неговите деца, Тој ѝ дава духовни дарови на Црквата, ја ополномоштува да сведочи за Христа и во склад со Светото писмо, ја води во секоја вистина. (Битие 1,1.2.; Лука 1,35.; 4,18.; Јован 14,16-18.26.; 15,26.27.; 16,7-13.; Дела 1,8.; 10,38.; 2. Коринтјаните 3,18.; Ефесјаните 4,11.12.; 2. Петрово 1,21.)

НИЕ ВЕРУВАМЕ ДЕКА БОГ ТВОРИ

Од невронот до небулата, од ДНК до најдалечните галаксии, ние сме опкружени со чуда. Сепак убавината е нарушена.

Првата Мојсеева книга (Битие) ни говори дека Бог кој е полн со љубов ја раздвоил светлината од темнината и копното од водата, создавајќи живот и обликувајќи го првиот човек од земја. Во книгата Битие ни е опишана Божјата радост и задоволство при создавањето – како Бог одново се воодушевува што секоја нова творба е »добра«. Земјата процветала во совршена хармонија, чувана од страна на човечкиот род. Бог го прославил своето дело прогласувајќи седмичен празник, Саботата, ден за одмор кога треба да се сеќаваме на нашата врска со нашиот Творец. Бог го дизајнирал човештвото за да ја одржува Неговата слава и во секого од нас да се отсликува единствениот аспект на Неговата личност и карактер. Ум, тело и дух, кој мисли, живее и резонира. Ние на Бога сме Му должни што дишеме, а сепак, Тој ни дал слобода да избереме – особина која била ризик за погрешен избор и катастрофални последици. Една вешта лага предизвикала сомнеж кај првите луѓе во Божјата љубов и губење на довербата. Стравот, зависта и рамнодушноста многу скоро навлегле во светот. Разделувајќи нѐ од Бога, гревот го изопачил сето она што било добро. Срцата се побуниле. Телата почнале да пропаѓаат. Односите се расипале. Но, ние никогаш не би биле во состојба сами да се вратиме кај Бога; Бог морал да стигне до нас. Бог токму тоа и го направил, испраќајќи го својот Син за да го обнови разурнатиот однос помеѓу Небото и Земјата. Бог го испратил и својот Дух за да го поправи осакатениот Божји лик во нас. Тој Дух нѐ ополномоштува да ги досегнеме другите, покажувајќи љубов и претставувајќи му го нашиот Спасител и Творец на овој пропаднат свет, на кој сме повикани да му помогнеме.

6. СОЗДАВАЊЕ
Бог е творец на сѐ. Тој во Светото писмо открил веродостоен извештај за својата творечка дејност. Господ ги создал за шест дена »небото и земјата«, сите суштества на Земјата и се одморил во седмиот ден на таа прва седмица. На тој начин ја воспоставил Саботата како вечен спомен на создавањето. Првиот маж и жена се создадени според Божјиот лик како круна на творечкото дело. На човекот му е дадена власт над светот, но и одговорност да се грижи за него. Кога создавањето на светот било завршено, светот бил »многу добар« спремен да ја објавува Божјата слава. (Битие 1,2.; 2. Излез 20,8-11.; Псалм 19,1-6.; 33,6.9.; 104; Евреите 11,3.)

7. ЧОВЕКОВАТА ПРИРОДА
Мажот и жената се создадени според Божјиот лик со своја индивидуалност, со можност за слобода во мислењето и делувањето. Иако се создадени како независни суштества, сeкој човек е неделива целина од тело, дух и душа, која зависи од Бога за живот, дишење и сѐ останато. Кога Му станале непослушни на Бога, нашите прародители ја порекнале својата зависност од Него, се одвоиле од Бога и паднале од својата висока позиција. Божјиот лик во нив се расипал и тие станале подложни на грев. Нивните наследници учествуваат во оваа падната природа и нејзините последици. Тие се родени со слабости и склоности кон зло. Меѓутоа, Бог во Христа го помирил светот со Себе и преку својот Дух ги обновува смртниците кои се кајат во ликот на нивниот Творец. Создадени за слава на Бога, тие се повикани да Го сакаат Бога, да се сакаат едни со други и да водат грижа за својата животна средина. (Битие 1,26-28.; 2,7.15.; 3; Псалм 8,4-8.; 51,5.10.; Дела 17,24-28.; Римјаните 5,12-17.; 2. Коринтјаните 5,19.20.; 1. Јованово 4,7.8.11.20.)

НИЕ ВЕРУВАМЕ ДЕКА БОГ СПАСУВА

Љубов. Хармонија. Совршенство. Некогаш сите созданија ја пееле истата песна на слава.

Меѓутоа, на небото се распламтила дисхармонија кога некогаш совршеното суштество Луцифер (сатаната) ја злоупотребило својата од Бога дадена слобода. Сатаната (клеветникот) го избрал себељубието и клеветата над вистината и љубовта. Сатаната тврдел дека Бог не е добар Владетел, дека е строг и дека контролира, лишувајќи ги останатите од она што го заслужуваат. Сатанската измама убедила третина од небесните ангели, кои Бог подоцна ги исфрлил од Небото. Сатаната ја барал власта над нашата планета кога го измамил првиот пар, Адам и Ева, наведувајќи ги да се посомневаат во Божјата достојност за доверба и љубов. Тој прв грев го расипал Божјиот лик во нас, свртувајќи го овој свет кон самиот себе и кон самоуништување. Целата вселена набљудувала каква ќе биде Божјата реакција на обвинувањата од сатаната. Оваа „голема борба“ меѓу доброто и злото околу Божјиот карактер продолжува да беснее, но Исус, Божјиот Син, уште пред две илјади години го поставил најважното прашање кога умрел за човечкиот род: Колку е силна Божјата љубов? Исусовата самопожртвувана смрт покажала дека Бог е спремен да ја плати непроценливата цена за нашите гревови. Неговата жртва го разоткрила вистинскиот ужас на гревот и разјаснила дека може да Му се верува на Бога. Зошто била Исусовата смрт толку поинаква? Затоа што Исус живеел совршен живот, онаму каде што секој од нас потфрлил, и умрел со смрт која ние ја заслужуваме. Последица: Ние можеме да живееме за Него, сега и во вечноста. Исусовата жртва нѐ помирува со совршениот Бог додека ги преобразува нашите срца. Светиот Дух ни укажува на нашата потреба за Бога и нѐ уверува дека сме спасени и дека ни е простено. Духот запишува нов текст во нашите срца, ополномоштувајќи нѐ да живееме во слобода, служба за другите и радост. Бог кон нас се поставува како никогаш да не сме погрешиле, никогаш да не сме се посомневале, како никогаш да не сме тргнале по некој сопствен пат. Тој ист Исус кој ги совладал демоните за време на својот живот, со својата смрт објавил победа над сите сили на злото. Исусовото воксресение е гаранција дека и самата смрт ќе биде уништена. Нашиот нов живот во Исуса нѐ ослободува од стравот од смртта и од срамот од нашето минато. Додека се поврзуваме со Исуса, Светиот Дух ги смирува нашите срца и ги преобразува нашите гледишта. Нашиот духовен живот се развива додека разговараме со Бога, додека размислуваме за Неговото слово, додека со другите ја споделуваме нашата вера и Го славиме Бога преку музика и дружење.

8. ГОЛЕМАТА БОРБА
Целиот човечки род е опфатен со големата борба меѓу Христа и сатаната околу Божјиот карактер, Неговиот закон и Неговото владеење со вселената. Овој судир започнал на небото кога едно создадено битие, обдарено со слобода на избор, самовозвишувајќи се, внело дух на бунт во овој свет и ги навело на грев Адам и Ева. Како последица на овој грев на првите луѓе, Божјиот лик во човечкиот род се изопачил, настанала збрка во создадениот свет и сето тоа довело до конечно уништување на целиот свет за време на потопот. На очевид на сите создадени безгрешни суштества, овој свет станал сцена на сеопшт судир од кој Бог на љубовта на крајот ќе излезе како оправдан. За да му помогне на својот народ во оваа борба, Христос им го праќа Светиот Дух и верните ангели за да го водат, заштитат и потпомогнат на патот на спасението. (Битие 3; 6-8; Исаија 14,12-14.; Езекиел 28,12-18.; Римјаните 1,19-32.; 5,12-21.; 8,19-22.; 1. Коринтјаните 4,9.; Евреите 1,14.; 2. Петрово 3,6.; Откровение 12,4-9.)

9. ХРИСТОВИОТ ЖИВОТ, СМРТТА И ВОСКРЕСЕНИЕТО
Во Христовата жртва на совршена послушност на Божјата волја, во Неговите страдања, смрт и воскресение Бог го дал единственото средство на помирување за човековиот грев, така што оние кои со вера ќе го прифатат ова помирување можат да имаат вечен живот, а целокупното создание може подобро да ја разбере безграничната и света љубов на Творецот. Ова совршено помирување ја оправдува праведноста на Божјиот закон и Неговиот милостив карактер; бидејќи овие две го осудуваат нашиот грев и ни даваат опростување. Христовата смрт е замена и откуп која врши помирување и преобразба. Христовото воскресение ја објавува Божјата победа над силите на злото, а на оние кои го прифаќаат помирувањето им дава цврсто ветување за конечна победа над гревот и смртта. Тоа го објавува достоинството на Господа Исуса Христа пред кое ќе се свитка секое колено на Небото и на Земјата. (Исаија 53; Јован 3,16.; 1. Коринтјаните 15,3.4.20-22.; 2. Коринтјаните 5; 1. Петрово 2,21.22.)

10. ИСКУСТВОТО НА СПАСЕНИЕТО
Во бескрајната љубов и милост Бог направил Христос, кој не знаел за грев, да стане грев за нас, така што во Него можеме да постанеме Божја правда. Водени од Светиот Дух ја чувствуваме потребата да ја признаеме својата грешност, да се покаеме заради своите престапи и да практикуваме вера во Исуса Христа како Господ, наша Замена и наш Пример. Оваа вера која го прима спасението доаѓа преку божествената сила на Словото и е дар на Божјата милост. Преку Христа ние сме оправдани, посвоени како Божји синови и ќерки и ослободени од власта на гревот. Наново сме родени и посветени со Духот; Духот ги обновува нашите умови, го впишува Божјиот закон на љубовта во нашите срца и ние добиваме сила да живееме свет живот. Со тоа што остануваме во Него, стануваме учесници во божествената природа и имаме залог за спасението сега и на судот. (Езекиел 36,25-27.; Лука 17,5.; Марко 9,23.24.; Јован 3,16.; 16,8.; Римјаните 3,21-26.; 5,6-10.; 10,17.; 8,1-4.; 12,2.; 2. Коринтјаните 5,17-21.; Евреите 8,7-12.; Колосјаните 1,13.14.; Ефесјаните 2,5-10.; Галатјаните 1,4.; 3,13.14.; 4,4-7.; Тит 3,3-7.; 1. Петрово 2,21.22.; 2. Петрово 1,3.4.)

11. РАСТ ВО ХРИСТА
Со својата смрт на крстот Исус триумфирал над силите на злото. Оној кој ги покорил демонските духови за време на својата овоземна служба, ја скршил нивната моќ и нивната конечна пропаст ја направил извесна. Исусовата победа ни дава и нам победа над злите сили кои и понатаму сакаат да нѐ вознемируваат додека одиме со Него во мирот, радоста и сигурноста на Неговата љубов. Сега Светиот Дух пребива во нас и ни дава сила. Постојано посветени на Исуса како на наш Спасител и Господ, ослободени сме од товарот на нашите минати дела. Повеќе не живееме во темнина, страв од злите сили, незнаење и бесмисленост на нашиот поранешен начин на живеење. (Псалм 1,1.2.; 23,4.; 77,11.12.; Матеј 20,25-28.; Лука 10,17-20.; Јован 20,21.; Римјаните 8,38.39.; 2. Коринтјаните 3,17.18.; Евреите 10,25.; Филипјаните 3,7-14.; Ефесјаните 5,19.20.; 6,12-18.; Галатјаните 5,22.25.; Колосјаните 1,13.14.; 2,6.14.15.; 1. Солунјаните 5,16-18.23.; 2. Петрово 2,9.; 3,18.; 1. Јованово 4,4.)

НИЕ ВЕРУВАМЕ ДЕКА БОГ ЖИВЕЕ ВО НАС

Исус на своите следбеници им доверил величествена мисија: да му зборуваат на овој свет за Неговата љубов и за Неговото ветување дека ќе се врати.

Неговите следбеници би требало да ги сакаат другите луѓе како што Тој ги сакал нив. Доверувајќи им ги на луѓето своите пораки Тој превзел смел и ризичен потег. Но и покрај тоа што Бог знаел дека луѓето често ќе Го изневеруваат па дури и дека ќе ја извртат Неговата вистина, Тој имал желба да работи со нив. Ризикот бил вреден за наградата. Како заедница на Исусови следбеници, Црквата е повикана и вдахновена да делува како и Тој: несебично служејќи им на другите, потпирајќи се на Бога за сила, впивајќи го Божјото слово и зборувајќи му на светот за Божјата љубов. Мажите и жените, богатите и сиромашните, луѓето од различно потекло или националност се еднакви во Исуса. Во една ваква Црква тие се поддржуваат и се охрабруваат едни со други преку заеднички поминато време во славење на Бога и проучување на Библијата. Христијаните го слават Исусовиот завет со нив преку обредот на Господова вечера, сеќавајќи се на Исусовиот пример на служба и жртва. Црквата го прославува обратувањето и приклучувањето на секој член преку обредот на крштевање со потопување во вода. Членовите на Црквата се делови на „Христовото тело“. Исус ветил дека сѐ што започнал Тој на Земјата ќе биде довршено преку Неговата црква. Да, ние сме блед одраз на совршенството на нашиот Спасител, но Исус сѐ уште е главата на Црквата. И покрај нашата несовршеност, со Неговата благодат и со силата на Неговата жртва на откупување, ние ќе бидеме прекрасни нови созданија. Во последните денови од овој свет, кога поголемиот дел од Божјата порака е занемарена и отфрлена, Бог нѐ повикува да се сетиме на печатот на Неговата вистина. Книгата на Откровението ни зборува за три ангели испратени на Земјата со последната порака на надеж и предупредување. Нивната вест ја симболизира Божјата порака до луѓето за крајот на времето. Светиот Дух го оспособува секого од нас со нашите лични духовни дарови и способности да ја покажуваме Божјата љубов и да ги јакнеме другите. Од учење и проповедање до охрабрување и пророкување, тој Дух ја обезбедил Црквата со секаков дар кој ѝ е потребен за да го заврши делото кое ѝ е доверено.

12. ЦРКВАТА
Црквата е заедница на верници кои Го признаваат Исуса Христа за Господ и Спасител. Како продолжеток на Божјиот народ од старозаветното време, ние сме повикани од светот; и се собираме заради богослужба, братска заедница, заради проучување на Божјото слово, прославување на Господовата Вечера, служби на целиот човечки род и објавување на Евангелието на целиот свет. Црквата свое овластување добива од Христа кој е овоплотување на Словото од Светото писмо кое е пишано Слово. Црквата е Божјо семејство. Посвоени од Него (Христа), нејзините членови живеат врз темелот на Новиот завет. Црквата е Христово тело, заедница на верата чија глава е самиот Христос. Црквата е невеста заради која Христос умрел за да може да ја посвети и очисти. За време на своето победоносно доаѓање Тој пред сѐ друго ќе ја стави славната Црква (верните од сите векови), откупена со Неговата крв; без дамка ниту брчка, света и непорочна. (Битие 12,3.; Матеј 28,19.20.; 16,13-20.; 18,18.; Дела 7,38.; Ефесјаните 1,22.23.; 2,19-22.; 3,8-11.; 4,11-15.; 5,23-27)

13. ОСТАТОКОТ И НЕГОВАТА МИСИЈА
Вселенската црква е составена од сите кои вистински веруваат во Христа, но во последното време на широко распространет отпад, еден остаток е повикан да излезе и да ги држи Божјите заповеди и верата Исусова. Овој остаток го објавува доаѓањето на судниот час, проповеда спасение во Христа и го објавува Неговото второ доаѓање. Ова објавување симболички е претставено со трите ангели од Откровение 14-та глава, кои го најавуваат започнувањето на судот на небото, и има за цел покајание и реформа на Земјата. Секој верник е повикан лично да учествува во ова свдочење по целиот свет. (2. Коринтјаните 5,10.; 1. Петрово 1,16-19.; 2. Петрово 3,10-14.; Јуда 3,14.; Откровение 12,17.; 14,6-12.; 18,1-4.)

14. ЕДИНСТВО ВО ХРИСТОВОТО ТЕЛО
Црквата е едно тело со многу членови повикани од редовите на сите народи, племиња и јазици. Во Христа сме нови созданија и помеѓу нас не смеe да има разлики по основ на: раса, култура, образование, националност, сталеж и пол. Сите ние сме еднакви во Христа Кој преку еден Дух нѐ поврзал во една заедница со Себе и едни со други; ние треба взаемно да си служиме едни на други без никаква поделеност и резерва. Преку откривање на Исуса Христа во Светото Писмо ја делиме истата вера и надеж и досегаме до сите преку едно сведочење. Ова заедништво има свој извор во единството на троединиот Бог, кој нѐ посвоил како свои деца. (Псалм 133,1.; Матеј 28,19.20.; Јован 17,20-23.; Дела 17,26.27.; Римјаните 12,4.5.; 1. Коринтјаните 12,12-14.; 2. Коринтјаните 5,16.17.; Колосјаните 3,10-15.; Ефесјаните 4,1-6.14-16.; Галатјаните 3,27.29.)

15. КРШТЕВАЊЕ
Преку крштевањето ја исповедаме својата вера во смртта и воскресението на Исуса Христа и ја објавуваме својата смрт за гревот и намерата да одиме во нов живот. На тој начин Го признаваме Христа како Господ и Спасител, стануваме Негов народ и сме примени за верници во Неговата Црква. Крштевањето е симбол на нашето единство со Христа, симбол на простување на нашите гревови и примање на Светиот Дух. Крштевањето се врши со целосно потопување во вода. Во случај на физичка спреченост, можно е „крштевање“ преку признавање на вера во Исуса и каење заради гревовите. Ваквиот начин на крштевање ги следи упатствата од Светото писмо и неговите учења. Според учењата на Библијата, се крштеваат возрасни личности кога самите ќе донесат одлука за крштевање. Самиот чин на крштевање се изведува според примерот на Христовото крштевање со потопување на крштеникот во вода со што се симболизира умирање на стариот човек и станување во нов живот посветен на Господа. (Матеј 28,19.20.; Дела 2,38.; 16,30-33.; 22,16.; Римјаните 6,1-6.; Колосјаните 2,12.13.)

16. ВЕЧЕРА ГОСПОДОВА
Господовата вечера е учество во симболите на Исусовото тело и крв како израз на верата во Него, нашиот Господ и Спасител. Во ова искуство на заедништво присутен е Христос за да се сретне со својот народ и да го зајакне. Земајќи учество ние ја објавуваме Господовата смрт сѐ додека Тој не дојде повторно. Подготовката за Вечерата Господова вклучува самоиспитување, покајание и признавање. Учителот го воспоставил обредот на миење нозе за да го симболизира духовното очистување, да покаже спремност за служба еден на друг во понизност и да ги соедини нашите срца во љубов. Службата на Господовата Вечера е отворена за сите христијани кои веруваат. (Матеј 26,17-30.; Јован 6,48-63.; 13,1-17.; 1. Коринтјаните 10,16.17.; 11,23-30.; Откровение 3,20.)

17. ДУХОВНИ ДАРОВИ И СЛУЖБИ
Бог на сите верници на својата Црква во сите времиња им подарува духовни дарови, кои секој верник треба да ги употреби во службата од љубов за општо добро на Црквата и на човечкиот род. Дадените дарови со посредство на Светиот Дух, кои Тој ги доделува секому според Својата волја, ги овозможуваат сите способности и служби потребни на Црквата за таа да ги исполни своите од Бога воспоставени функции. Врз основа на Светото писмо овие дарови вклучуваат такви служби како што се: верување, исцелување, пророкување, објавување, поучување, управување, помирување, сожалување, самопожртвувано делување и милосрдие за помош и охрабрување на луѓето. Некои верници Бог ги повикува и ги дарува со Дух за должности кои Црквата ги признава во пасторална, евангелска, апостолска и учителска служба кои се посебно потребни за верниците да можат да се подготват за служба, за изградба на Црквата до духовна зрелост за да се сочува единството на верата и познавањето на Бога. Кога верниците ги користат овие духовни дарови како верни повереници на Божјите различни доблести, Црквата е заштитена од разорното влијание на лажните учења и се надѕидува во верата и љубовта и достигнува до раст кој е од Бога. (Дела 6,1-7.; Римјаните 12,4-8.; 1. Коринтјаните 12,9-11.27.28.; Ефесјаните 4,8.11-16.; 1. Тимотеј 3,1-13.; 1. Петрово 4,10.11.)

18. ДАРОТ НА ПРОРОШТВОТО
Пророштвото е еден од даровите на Светиот Дух. Овој дар е знак за распознавање на Црквата на Остатокот и се манифестирал во службата на Елен Г. Вајт. Како Господов весник, нејзините списи се постојан и авторитативен извор на вистина кои на Црквата ѝ обезбедуваат утеха, водство, поучување и поправање. Тие, исто така, нагласуваат дека Библијата е мерило според кое мораат да се испитуваат сите учења и искуства. (Јоил 2,28.29.; Дела 2,14-21.; Евреите 1,1-3.; Откровение 12,17.; 19,10.)

НИЕ ВЕРУВАМЕ ДЕКА БОГ НЀ МЕНУВА

Божјиот закон во Десетте заповеди ни покажува како да живееме, дефинирајќи го нашиот однос кон Бога и кон нашите ближни. Држењето на Божјиот закон е невозможно без Христа, од каде произлегува нашата зависност и потреба од Него.

Иако законот покажува по кој пат треба да се оди и нѐ уверува дека сме погрешиле, тој е многу повеќе од обични ограничувања. Принципите на овие заповеди оцртуваат еден холистички однос со Бога, со самите себе и со другите. Со оглед на тоа што Бог попрво покажува отколку што само ни кажува како да живееме, Исус дошол како пример на оживотворениот Божји закон. Наспроти обичаите на празнување на Саботата во Негово време, Исус го нагласува седмиот ден, Сабота, како ден за одмор, но и обнова. Ние го празнуваме седмичниот ден за одмор, Сабота, прекинувајќи ги нашите сопствени стремежи и секојдневни работи, а со желба да им служиме на благослов на другите и да правиме добро. Саботата е Божји дар на слобода за нас. Таа ни дава време да се обновиме самите себе, нашите семејства и нашиот однос со Бога. Бог нѐ повикува да бидеме Негови повереници, кои одговорно го прифаќаат она што Тој ни го доверува. Бог ни ја доверил Земјата и нејзините извори за со нив да управуваме, како и нашето потомство кое го воспитуваме и насочуваме. Еден ден, наскоро, Тој ќе се врати. Ние мораме да бидеме добри повереници на нашето време, енергија и тело; природната средина, материјалните извори и едни на други. Како христијани ние не тежнееме само кон нашите лични интереси туку и кон поголемата слика, планирајќи ги нашите постапки во светлината на Божјите планови, знаејќи дека Бог тоа ќе го благослови. Бог сака да живееме целисходно и урамнотежено, грижејќи се за нашите тела, усовршувајќи ги нашите мисли и грижејќи се за нашиот дух. Знаејќи колку е голема цената која Исус ја платил за нашиот откуп, ние сакаме да го прославиме Бога во секој аспект од нашиот живот. Кога Духот живее во нас, ние тежнееме да ги воздигаме другите и да ја овоплотиме Божјата благодат во нашите постапки и комуникации. Како внимателни сведоци за Бога, во менаџирањето на нашето време ние им даваме предност на Неговите приоритети, употребувајќи го времето само на она што ги негува нашите мисли и тело и го зема во предвид нашето влијание на нас самите, на другите и на општеството. Бог нѐ создал според својот лик, машко и женско. Доживотното посветување на бракот е Божји план за Неговите луѓе да можат да уживаат во единство и пријателство, поддржувајќи и воздигајќи се едни со други. Бог смислил децата да растат во опкружување на љубов и дисциплина. Иако може да дојде до распад на семејството, секој може да биде дел од Божјото семејство.

19. БОЖЈИОТ ЗАКОН
Возвишените начела на Божјиот закон се обликувани во Десетте заповеди и потврдени со Христовиот живот. Тие ја изразуваат Божјата љубов, волја и цели во врска со човековото однесување и односи и ги обврзуваат сите луѓе во сите временски периоди. Овие правила се темел на Божјиот завет со Неговиот народ и мерило на Божјиот суд. Со посредство на Светиот Дух тие укажуваат на гревот и ја будат потребата за Спасител. Спасението е само по благодат, а не по дела, а плодот на верата е послушноста на заповедите. Оваа послушност го развива христијанскиот карактер и донесува чувство на среќа. Таа е доказ за нашата љубов кон Господа и нашата грижа кон ближните. Послушноста која потекнува од верата ја демонстрира Христовата сила да го преобрази животот и во склад со тоа го јакне христијанското сведочење. (Излез 20,1-17.; Второзаконие 28,1-14.; Псалм 19,7-14.; 40,7.8.; Матеј 5,17-20.; 22,36-40.; Јован 15,7-10.; Римјаните 8,3.3.; Евреите 8,8-10.; 1. Јованово 5,3.)

20. САБОТАТА
Милостивиот Творец, после шест дена создавање, се одморил во седмиот ден и за сите луѓе ја воспоставил Саботата како спомен на создавањето. Четвртата заповед од Божјиот непроменлив Закон бара празнување на седмиот ден, Сабота, како ден за одмор, обожување и служба во склад со учењето и животот на Исуса Христа, Господарот на Саботата. Саботата е ден на прекрасно заедништво со Бога и меѓу нас. Таа е симбол на нашето посветување, знак на нашата верност и предвкус на нашата вечна иднина во Божјото царство. Саботата е вечен Божји знак на Неговиот вечен завет помеѓу Него и Неговиот народ. Радосното празнување на ова свето време од вечер до вечер, од петок зајдисонце до сабота зајдисонце, е празнување на Божјото творечко и откупителско дело. (Битие 2,1-3.; Излез 20,8-11.; 31,13-17.; Левит 31,13-17.; Второзаконие 5,12-15.; Исаија 56,5.6.; 58,13.14.; Езекиел 20,12.20.; Матеј 12,1-12.; Лука 4,16.; Марко 1,32.; Евреите 4,1-11.)

21. СЛУЖБАТА НА УПРАВУВАЊЕ
Ние сме Божји управители, на кои Бог им го доверил времето и можностите, способностите и имотот, благословите на Земјата и нејзините добра. Ние сме одговорни пред Бога за нивното правилно користење. Ние ја признаваме Божјата сопственост со својата служба Нему и на нашите ближни, со повраток на десетокот, со давање дарови за објавување на Неговото Евангелие и со помагање на Неговата Црква и нејзиниот раст. Службата на управување е предност што ни ја дал Бог за негување на љубовта и за победа над себичноста и алчноста. Управителот се радува на благословите кои како резултат на неговата верност се излеваат на другите. (Битие 1,26-28.; 2,15.; 1. Летописи 29, 14.; Агеј 1,3-11.; Малахија 3,8-12.; Матеј 23,23.; 1. Коринтјаните 9,9-14.; 2. Коринтјаните 8,1-15.; Римјаните 15,26.27.)

22. ХРИТИЈАНСКО ОДНЕСУВАЊЕ
Повикани сме да бидеме побожен народ кој мисли, чувствува и работи во склад со небесните начела. За Светиот Дух во нас повторно да го создаде карактерот на нашиот Господ, ние се вклучуваме само во она што во нашиот живот ќе произведе чистота, здравје и радост по примерот на Христа. Тоа значи дека нашиот одмор и рекреација треба да одговараат на највисоките мерила на христијански вкус и убавина. Во согласност со културните разлики, нашата облека треба да биде едноставна, скромна и складна, која доликува на оние чија вистинска убавина не се состои од надворешни украсувања, туку од непоминливиот украс на благиот и тивок дух. Ние треба разумно да се грижиме за нашето тело, бидејќи е храм на Светиот Дух. Покрај доволно физичка активност и одмор, треба да ја конзумираме најздравата можна храна и да се воздржуваме од секоја храна која Светото Писмо ја прогласува за нечиста. Поради тоа што алкохолните пијалоци, тутунот и неодговорното користење на лекови и наркотици штетно влијаат на нашето здравје, треба да се воздржуваме и од нив. Наместо тоа треба да учествуваме во сето она што нашите мисли и тело ќе ги доведат во послушност на Христа кој ни посакува здравје, радост и општо добро. (Левит 11,1-47; Римјаните 12,1.2.; 1. Јованово 2,6.; Ефесјаните 5,1-21.; Филипјаните 4,8.; 2. Коринтјаните 10,5.; 6,14-7,1.; 1. Петрово 3,1-4.; 1. Коринтјаните 6,19.20.; 10,31.; 3. Јованово 2)

23. БРАК И СЕМЕЈСТВО
Бог го воспоставил бракот во Едем, а Исус повторно го потврдил како доживотна заедница на љубов меѓу мажот и жената. За христијанинот, брачната обврска е завет кој му се дава на Бога како и на брачниот другар и треба да биде склопен меѓу партнери од иста вера. Обостраната љубов, уважувањето, почитувањето и одговорностите се ткивото на оваа врска која треба да ја одблеснува љубовта, светоста, блискоста и постојаноста на односот меѓу Христа и Неговата Црква. Што се однесува на разводот, Исус учел дека личноста која ќе се разведе од брачниот другар, освен заради прељуба, па ќе склопи брак со друга, прави прељуба. Иако некои односи во семејството не одговараат на идеалот, брачните другари кои во Христа потполно се предаваат еден на друг, можат да постигнат заедница на љубов со помош и водство на Духот и со помош на Црквата. Бог го благословува семејството и сака неговите членови да си помагаат еден на друг до целосна зрелост. Родителите треба да ги воспитуваат своите деца да го сакаат Бога и да Му бидат послушни. Со својот пример и своите зборови треба да ги поучуваат дека Христос е Воспитувач Кој ги сака, Кој секогаш е нежен и грижлив и Кој сака тие да станат членови на Неговото тело, на Божјото семејство. Посветената блискост во семејството е еден од знаците на последните пораки на Евангелието. (Битие 2,18-25.; Излез 20,12.; Второзаконие 6,5-9.; Пословици 22,6.; Малахија 4,5.6.; Матеј 5,31.32.; 19,3-9.; Марко 10,11.12.; Лука 16,18.; Јован 2,1-11.; 1. Коринтјаните 7,10.11.; 2. Коринтјаните 6,14.; Ефесјаните 5,21-33.; 6,1-4.)

НИЕ ВЕРУВАМЕ ДЕКА БОГ Е ПОБЕДНИК

Од Едемската градина до Вавилонската кула, од уништувањето на Содом до излегувањето од Египет, Бог секогаш вршел истрага пред да преземе било каква акција.

Сега, пред Неговото враќање, Исус ги истражува животите на секој кој некогаш живеел, откривајќи ги нивните одлуки кои воделе кон спасение или уништување. Бог сака на суштествата во вселената кои го набљудуваат сето тоа да им разјасни и стави до знаење дека никој не ја добива судбината која не ја избрал. Ритуалите во древниот еврејски храм биле само приказ на Исусовото делување на Небото, а секоја жртва била сенка на Исусовата конечна жртва. Исус сега, како наш вистински Првосвештеник, ги нуди заслугите на својата жртва на сите кои ја прифаќаат Неговата милост. Ние можеме да Му веруваме на Исуса дека Тој ги разбира нашите борби и ни дава сила кога за тоа ќе имаме потреба, затоа што Тој го издржал секое искушение со кое се соочуваме. Исус е наш Посредник, ги простува нашите гревови и го обновува нашиот однос со Бога кој бил прекинат заради гревот. Првиот завет нѐ осудил на смрт, но Исус е Посредникот на новиот завет чија што жртва нѐ ослободува. Само Бог е природно бесмртен, а сепак ни нуди бесплатен дар на спасение – вечен живот. Се радуваме на Христовото второ доаѓање, кога Тој ќе ги воскресне своите спасени за да живеат вечно. Првите илјада години после Христовото враќање ќе биде време на помирување и обнова на Небото. Ние тогаш ќе ги истражуваме животите на изгубените, разгледувајќи ги нивните одлуки кои воделе кон спасение или уништување. На Земјата нема да има луѓе, туку само сатаната и неговите ангели во прогонство, без можност некого да измамат или уништат. После илјада години, Бог и спасените ќе се вратат од Небото на Земјата со небесниот град, Новиот Ерусалим. Бог ќе ги воскресне неправедните мртви за да можат да бидат сведоци на последната фаза на Божјиот суд. Секој ќе се соочи со записот за својот живот и сите ќе ја видат Божјата вистина, правда и правичност. Бог ќе го уништи гревот засекогаш. Кога Бог ќе ја обновува Земјата, љубовта, радоста и хармонијата конечно ќе бидат вратени во вселената. Стравот, страдањата и смртта ќе останат само во сеќавање. Ќе го познаваме Бога лице в лице и ќе бидеме слободни да создаваме и истражуваме во текот на вечноста.

24. ХРИСТОВАТА СЛУЖБА ВО НЕБЕСНОТО СВЕТИЛИШТЕ
На небото постои Светилиште, вистински шатор кој Бог го поставил, а не човек. Во него Христос врши служба за нас, овозможувајќи им на верниците да ја искористат Неговата жртва на помирување принесена на крстот еднаш за сите. Тој е поставен за наш Првосвештеник и започнал со својата посредничка служба во времето на своето вознесување. Во 1844-та година, на крајот на пророчкиот временски период од 2300 денови и ноќи, Тој влегол во втората и последна фаза од својата служба на помирување. Тоа е дело на истражниот суд кој е дел од последното отстранување на секој грев, сликовито прикажано преку очистувањето на старото еврејско светилиште на Денот на очистувањето. Во таа типична служба, Светилиштето било очистено со крвта на жртвуваните животни, но небесните нешта се чистат со совршената жртва на Исусовата крв. Истражниот суд им открива на небесните разумни суштества, кој помеѓу мртвите заспал во Христа и затоа во Него се смета за достоен да има удел во првото воскресение. Тој исто така овозможува да се види кој од живите пребиваат во Христа, ги држат Божјите заповеди и ја имаат верата Исусова и во Него се спремни за премин во Неговото вечно царство. Овој суд ја потврдува Божјата праведност во спасувањето на оние кои веруваат во Исуса. Тој објавува дека оние кои останале верни на Бога, ќе го примат Царството. Завршувањето на оваа Христова служба ќе го одбележи крајот на времето на милоста пред Второто Христово доаѓање. (Матеј 24; Марко 13; Лука 21; Јован 14,1-3.; Дела 1,9-11.; 1. Солунјаните 4,13-18.; 1. Коринтјаните 15,51-54.; 1. Солунјаните 5,1-6.; 2. Солунјаните 1,7-10.; 2,8.; Евреите 9,28.; 2. Тимотеј 3,1-5.; Тит 2,13.; Откровение 1,7.; 14,14-20.; 19,11-21.)

25. ВТОРОТО ХРИСТОВО ДОАЃАЊЕ
Второто Христово доаѓање претставува блажена надеж на Црквата, величествен врв на Евангелието. Доаѓањето на Спасителот ќе биде буквално, лично и видливо за целиот свет. Кога ќе се врати, мртвите праведни ќе воскреснат и заедно со живите праведници ќе бидат прославени и земени на Небото, а неправедните ќе умрат. Исполнувањето на повеќето пророштва, заедно со сегашната состојба во светот, укажуваат на тоа дека Христовото доаѓање е близу. Времето за тоа не ни е откриено, па затоа потребно е да бидеме секогаш спремни. (Тит 2,13.; Евреите 9,28.; Јован 14,1-3.; Дела 1,9-11.; Матеј 24,14.; Откровение 1,7.; Матеј 24,43.44.; 1. Солунјаните 4,13-18.; 1. Коринтјаните 15,51-54.; 2. Солунјаните 1,7-10.; 2. Солунјаните 2,8.; Откровение 14,14-20.; 19,11-21.; Матеј 24; Марко 13; Лука 21; 2. Тимотеј 3,1-5.; 1. Солунјаните 5,1-6.)

26. СМРТ И ВОСКРЕСЕНИЕ
Плата за грев е смрт. Бог, кој единствено е бесмртен, ќе им подари вечен живот на оние кои ги откупил. До тој ден, смртта е бесвесна состојба на сите луѓе. Кога Христос, кој е наш живот, ќе се појави, воскреснатите праведници ќе бидат прославени и земени на небо да Го дочекаат својот Господ. Второто воскресение, воскресението на неправедните, ќе се случи 1000 години подоцна. (Римјаните 6,23; 1. Тимотеј 6,15; Проповедник 9,5.6.; Псалм 146,3.4.; Јован 11,11-14; Колосјаните 3,4; 1. Коринтјаните 15,51-54.; 1. Солунјаните 4,13-17.; Јован 5,28.29.; Откровение 20,1-10.)

27. МИЛЕНИУМОТ И КРАЈОТ НА ГРЕВОТ
Милениумот е илјадагодишно царување на Христа со своите свети на Небото помеѓу првото и второто воскресение. Во текот на ова време ќе им се суди на злите мртви; Земјата ќе биде потполно опустошена, без жители, заземена од сатаната и неговите ангели. По истекот на овој временски период од 1000 години, Христос, Неговите ангели и Светиот град со спасените ќе слезат од Небото на Земјата. Неправедните мртви тогаш ќе воскреснат и со сатаната и неговите ангели ќе го опколат градот; но оган од Бога ќе ги уништи и ќе ја очисти Земјата. Вселената на тој начин ќе биде засекогаш ослободена од гревот и грешниците. (Откровение 20, 1. Коринтјаните 6,2.3; Евреите 4,23-26; Откровение 21,1-5; Малахија 4,1; Езекиел 28,18.19)

28. НОВАТА ЗЕМЈА
На новата Земја, на која ќе живеат праведниците, Бог ќе обезбеди вечен дом за спасените и совршена средина за вечен живот, љубов, радост и поучување во Негово присуство. Овде ќе живее самиот Бог со својот народ, а страдањатa и смртта ќе ги снема. Големата борба ќе биде завршена, а грев нема да има повеќе. Сѐ што е живо и неживо ќе објавува дека Бог е љубов; и Тој ќе владее вечно. Амин. (2. Петрово 3,13; Исаија 35, 65,17-25; Матеј 5,5; Откровение 21,1-7; 22,1-5; 11,15)

Pin It on Pinterest