Живеејќи со вера (трет дел)

Ellet J. Waggoner

Јован вели дека тој што е роден од Бога, преку вера, го победува светот. Верата лежи во Божјите раце и Неговата голема сила ја завршува работата. Како Божјата сила делува во човекот и го постигнува тоа што тој не може да го направи за себе, тоа никој не може да го објасни. Тоа е исто толку лесно да се објасни како и тоа како Бог им дава живот на мртвите. Исус вели: „Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде на каде оди; така е со секој човек роден од Духот.“ (Јован 3,8) Како Духот делува во човекот за да ги покори неговите страсти и да го направи победник над гордоста, зависта и себичноста, тоа е познато само на Духот. За нас е доволно да знаеме дека е направено и дека може да се направи во секој кој сака тоа дело да се изврши во него повеќе од се друго, и кој верува во Бога Кој е и извршителот на тоа дело.

Ние не можеме да кажеме како Петар можел да оди по вода кога брановите се подигрувале околу него, но знаеме дека по наредба на Господ, тој тоа и го сторил. Се додека неговите очи биле вперени во Господарот, божествена сила му овозможила да чекори исто така, како подлогата да била од цврст камен, но кога погледнал на брановите најверојатно и со гордост поради тоа што го правел, како самиот тој да го правел тоа, многу природно и лесно го опседнал стравот, и тој почнал да тоне. Верата му овозможила да оди по брановите; а стравот го потонал под истите.

Апостолот вели: „Преку вера паднаа ѕидовите на Ерихон, откако беа обиколувани цели седум дена.“ (Евр. 11,30). Зошто било тоа напишано? Поради наша поука, „та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Рим. 15,4). Зошто, зарем пред нас претстои повик да се вооружиме и да се бориме за да заземеме утврдени градови? Не, „зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата.“ (Ефес. 6,12) Но, тие победи кои биле извојувани преку вера во Бога, против видливите непријатели кои се во тело, се запишани за да ни покажат што верата ќе постигне во нашата борба против владетелите на темнината од овој свет. Божјата милост, во одговор за верата, е силна исто толку во тие битки, колку и во овие, така вели и апостолот: „Зашто, иако во тело живееме, телесно не се бориме; Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја станува моќно за рушење тврдини; со него ние уништуваме мудрувања, и секоја горделивост, што се крева против познанието за Бога, и го заробуваме секој ум за да Му биде покорен на Христос“ (2. Кор. 10,3-5).

Верата не ги оспособувала древните достоинственици само да ги освојуваат физичките непријатели. Ние за нив читаме дека не само „победија царства“ туку и „вршеа правда, добија ветувања,“ и најмногу убаво и најмногу охрабрувачки од сите: „од немоќни станаа крепки.“ (Евр. 11,33.34). Нивната слабост преку вера се претворила во сила, затоа што силата на Христос се јавува како совршена во слабоста. Кој тогаш би се осмелил да приговори на Божјите избраници!? – кога е Бог Тој кој оправдува, а ние сме Неговите работници, создадени во Исус Христос за добри дела. „Кој ќе не одвои од љубовта кон Христос? Дали неволјата? Или маката? Или прогонот? Или гладот? Или голотијата? Или погибелта? Или мечот?“ „Но, во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној Кој не возљуби“ (Рим. 8,35.37).

Pin It on Pinterest