Ellet J. Waggoner
Сите ветувања за конечна среќа се однесуваат на победниците. „На оној што победува“, кажува Исус, „ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол“(Откр. 3,21). „Кој победува, ќе наследи се“, вели Господ. (Откр. 21,7). Победник е оној кој извојува победи. Наследувањето не е победата; тоа е само наградата за победувањето. Победувањето е сега. Победите кои треба да се извојуваат се победи над желбите на телото, над желбите на очите и гордоста на животот, победи над себе и над себичните задоволства. Човекот кој се бори и гледа како непријателот се предава, може да се радува; никој не може да го спречи да не се радува, затоа што радоста доаѓа спонтано како резултат на гледањето како непријателот отстапува. Некои луѓе со страв гледаат на помислата дека треба да водат постојана битка со себе и со похотите од овој свет. Тоа е поради тоа што досега не знаат ништо за радоста во победата. Тие имаат искусено само порази. Но, не е толку тажно кога сте постојано во борба, ако постојано сте и победници. Стариот ветеран кој бил победник во стотици битки, има желба повторно да се најде на конфликтните места. Војниците на Александар кои под негово водство никогаш не знаеле за пораз, биле секогаш нетрпеливи да бидат водени во војна. Секоја победа ја зголемувала нивната сила, која се добивала само преку храброст, и соодветно намалена онаа на поразениот непријател. Сега, како да се здобиеме со постојани победи во нашата духовна борба?
Слушнете го возљубениот апостол: „Се распнав заедно со Христос; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и себе се предаде за мене. (Гал. 2,10)
Еве ја тајната на силата. Тоа е Христос, Синот Божји, Кому Му е дадена целата сила на небото и на земјата и Кој ја извршува работата. Ако Тој живее во срцата за да ја извршува работата, дали е фалба ако кажеме дека постојано може да се добиваат победи? Да, тоа е фалба; но тоа е фалење во Господа, и тоа е дозволено. Псалмистот вели: „Со Господ ќе се фали душата моја!“(Псалм 34,2) и Павле вели: „а мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот“. (Гал. 6,14)
Војниците на Александар се препознатливи како непобедливи. Зошто? Дали можеби затоа што биле природно посилни и похрабри од сите нивни непријатели? Не, туку затоа што биле водени од Александар. Нивната сила била во водачот. Под водство на друг, тие често би биле поразувани. Кога армијата на Унијата бегала во паника, нападната од страна на непријателот во Винчестер, Шеридан со својата присутност го претворил нивниот пораз во победа. Без него тие биле само преплашена толпа. Но, со него како глава и водич, тие биле непобедлива армија. Кога би ги слушале коментарите на војниците после битката кои служеле под команда на овие или слични лидери, вие би ја слушале нивната радост проткаена со пофалби за нивниот генерал. Тие биле силни затоа што и тој бил; тие биле инспирирани од истиот дух кој и тој самиот го имал.
А нашиот Капетан е Господар на силите. Тој се сретнал со командантот на непријателските сили и го протерал користејќи ја едната рака. Тие кои ќе Го следат Него во сите ситуации, ќе одат напред од победа во победа. Ох, само кога тие што се нарекуваат Негови следбеници би ја ставиле својата доверба во Него, и поради постојаните победи кои ќе ги задобијат, ќе му даваат слава на Оној кој што ги повикал од темнината во Неговата чудесна светлина. (продолжува)