ИСТОРИЈАТ
Адвентизмот започнал како религиозно движење што се развило во 19-тиот век во САД, како резултат на размислувања и истражувања на различни христијански теми поврзани со Божјата Реч (Библијата). Во главен фокус на овие проучувања била интерпретацијата на пророштвата од Библијата, со особен акцент на второто доаѓање на Исус Христос и Неговото влијание врз човечката историја и есхатологија (учење за крајните времиња).
Вилијам Милер и Големото разочарување
Централната улога во формирањето на адвентизмот му припаѓа на Вилијам Милер (1782-1849), баптистички проповедник и проучувач на библиските пророштва. Тој се занимавал со истражување на книгата на пророкот Даниел и Откровението (заб. двете книги се дел од Светото Писмо – Библијата). Врз основа на Даниеловото пророштво уште во 1818 година дошол до заклучок дека Христос ќе дојде многу скоро, околу 1843 или 1844 година (тн. период на Милеризам). Имено, во книгата на пророкот Даниел, стои напишано:„И ми рече: ‘До 2300 вечери и утрини и тогаш светилиштето ќе се очисти.’“ (Даниел 8,14). Тој открил дека тој голем пророчки ланец почнал 457-мата година пред Христа кога персискиот владетел Ксеркс издал наредба Ерусалим повторно да се соѕида (Даниел 9,24-27). Тој очекувал дека очистувањето на Светилиштето ќе се случи некаде во 1843 година, кога требало да се очекува големиот еврејски празник Јом Кипур – денот на помирување – Христовото доаѓање. Вилијам Милер за кратко време станал ракоположен баптистички проповедник, и од тогаш целиот свој живот го посветил на објавување на радосната вест:„Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто дојде часот на Неговиот Суд.“ (Откровение 14,7). Со своите соработници, развил жива мисионерска дејност и наскоро мнозина проповедници и верници од своите проповедални го најавувале Христовото доаѓање. Така тој станал најистакната личност меѓу адвентистите на своето време, а Северна Америка – центар на најдраматичните случувања во историјата на движењето. Неговите проповеди пробудиле длабоко интересирање во општеството, а неговите гледишта постанале општо прифатени гледишта на адвентистите по целиот свет.
Меѓутоа после истекот на одреденото време за Христовото појавување, следбениците на Милер доживеале горко разочарување. Тој во своите белешки ќе напише: „Два пати се разочарав, но не ја изгубив надежта, не се обесхрабрив. Мојата надеж во Христа дека скоро ќе дојде е и понатаму цврста како и во почетокот.“
Таканареченото разочарување од 1844 година претставува пресврт во развитокот на адвентистичкото движење. Останатите адвентисти со голем жар продолжиле да ги проучуваат пророштвата на пророкот Даниел за да го пронајдат одговорот на прашањето зошто блажената надеж не се исполнила. Набрзо воочиле дека толкувањето на Даниеловото пророштво било исправно, но чистењето на Светилиштето не се однесувало на чистење на Земјата од гревот и злото, а со тоа и на Второто Христово Доаѓање, туку на почетокот на Истражниот Суд на небото и на чистењето на небесното светилиште, во кое Христос служи како Првосвештеник и наш Застапник. Денот и часот на Христовото доаѓање никој не го знае и Христос ќе дојде кога повторно „ќе се наврши времето“, кога Бог во Својата милост ќе одлучи да стави крај на гревот и злото.
Формирање на Адвентистичкото движење
Времето помеѓу 1844 и 1863-та година претставува преодно време во создавањето и зацврстувањето на адвентистичката црква и организација. Голема улога во тоа имале т.н. Библиски Конференции на кои со искрена молитва и пост се расправало за доктриналните проблеми на организацијата на црквата. Пресудно влијание во формулирање на начелата на црквата одиграле Советите на Духот на пророштвото објавени преку Елен Г. Вајт. Ова влијание на Духот на пророштвото ѝ помогнало на црквата да ги преброди сите потешкотии, не само во почетокот на својата историја, туку и понатаму сѐ до ден денес. Во 1860-та година поголемиот дел од верниците го прифатиле името „АДВЕНТИСТИ НА СЕДМИОТ ДЕН“, а во 1863-та година го добиле и првиот претседател на Генералната Конференција, братот Џон Блинктон. Во 1837-ма година, братот Јозеф Волф патувал од Европа во САД, одржувајќи мноштво проповеди за Христовото доаѓање. Првите почетоци за повторното оживување на адвентистичкото движење на „стариот континент“ се направени многу рано.
Адвентизмот на европскиот континент
Михаел Белина Чеховски – католички свештеник, роден во Полска (1818 -1876), се приклучил на Црквата на адвентистите на седмиот ден во Америка во 1857 година и веднаш почнал да работи како проповедник во Канада и САД, заедно со Даниел Бурдо. Со желба оваа надеж за радосната вест да ја однесе во старата татковина се вратил 1864 година во Европа. Најпрвин, се задржал во Италија во местото Торе Пеличе, во подрачјето каде што живееле Валденжаните. Тука најпрво настанала заедница на верници, на кои духовен водач и учител им бил токму тој. Потоа се преселил во Швајцарија, во која работел цели 4 години. Тука ја основал првата адвентистичка издавачка куќа, која го издала списанието „L’Evanegile Eterne“ (Вечно евангелие) и мноштво други адвентистички книги. Во 1869 година, верниците во Швајцарија за свој делегат на Генералната Конференција во Батл Крик го испратиле младиот теолог Јаков Х. Ерценбергер (1843 – 1920). Тој се вратил во Европа во 1870 година, како ракоположен проповедник на својата матична црква, за да подоцна извршува многу одговорни должности во неколку европски земји.
Во далечната 1874-та година, црквата како свој претставник во Европа го делегира братот Џон Ендрјус (1829 – 1883), необично надарен теолог од пионерите на црквата, претседател на Генералната конференција од 1867 до 1869 година и главен и одговорен уредник на списанието „Преглед и гласник“ („Review and Herald“). Сѐ до крајот на својот живот тој останува во Европа каде дава полн допринос во организационото зацврснување и поврзување на делото на европското тло.
Почетоци на адвентизмот во Македонија
Првите адвентисти во нашите краишта биле доселеници кои верата за Второто Христово Доаѓање ја прифатиле во САД или во некоја западноевропска држава. Во Македонија првите верници се појавувааат во 1880 година, во која година во Скопје се доселил како претставник на „Британското Библиско Друштво“, братот Алфред Зефрид (1840 – 1927) со својата сопруга. Во Македонија тие поминале 9 години сведочејќи со збор и дело за својот Спасител. Во 1881 година се родил нивниот син во Скопје, Јоханес Зефрид, кој подоцна ќе заврши теолошки семинар во Фриденсау и ќе работи како проповедник во Швајцарија, Германија и Унгарија.
Алфред Зефрид во мај 1882 година, од страна на турската власт бил уапсен и одведен во затвор на тврдината Кале во Скопје. Во овој затвор минал 2 месеца, никогаш не дознавајќи зошто е затворен. После 2 недели поминати во затворот доверена му е должност на другите затвореници да им носи храна во нивните ќелии. Таму се запознал со тројца затвореници. Двајца од нив биле христијани, а третиот бил 82-годишен Албанец, муслиман, кој веќе 16 години лежел во затворот закован со синџири. Алфред Зефрид на овие двајца христијани честопати им читал од Светото Писмо, за апостол Павле и Сила кои невино биле обвинети и затворени во затворот во Филипи. Стариот Албанец, слушајќи ги зборовите од Светото Писмо, поверувал дека Исус умрел и за него, и дека и за него има надеж. По неколку дена турската управа на затворот го повикала братот Алфред Зефрид каде му било соопштено дека добил ослободување. После пионерската работа во Македонија, братот Алфред Зефрид со фамилијата се преселил во Романија, каде што работел како проповедник сѐ до своето пензионирање.
Вестите за напредокот на делото во Македонија се појавиле и во списанието на црквата „Преглед и гласник“ во бројот 3 од декември 1901 година, каде се наоѓа еден отсек под наслов „Македонскиот повик“.
„Дојдете и помогнете ни“. Ова бил повик на човекот од Македонија на кој апостол Павле поттикнат од Светиот Дух не можел да не ја исполни таа желба и во овие предели да ја проповеда радосната вест. Авторот на овој текст објавува дека во овие предели има искрени луѓе кои живеат во „измачена покраина“ и кои ја бараат вистината. „Да му заблагодариме на Бога што Бог им дозволил на овие луѓе кои никогаш не слушнале за саботата и за другите вистини, да им ја пренесеме радосната вест.“ Овој допис го испратил еден од пионерите на адвентизмот во Македонија, братот Гарабет Јерам. Овој човек заедно со својата сопруга седум години поминал во градот Радовиш и во некои други места во Македонија носејќи ја радосната вест за Христовото доаѓање. Братот Гарабет Јерам по професија бил лекар така да мисионската мисија воедно била и здравствена мисија. Тој малото гратче Радовиш често пати го нарекувал Витлеем во Македонија, зашто во ова место имало толку многу протестанти како во ниедно друго место. Освен евангелска и здравствена мисија овој пионер на адвентизмот во Македонија се занимавал и со издавачка дејност. Во написот од 10 август, 1905 година, во списанието „Преглед и гласник“ под наслов: „Третата ангелска вест во Македонија“, д-р Гарабет зборува за тоа како тие предавале поуки на македонски јазик, и се вели дека Господ ги благословил сите напори на овој пионер. Скоро сите протестанти и православни верници во Радовиш биле многу заинтересирани за сите предавања на д-р Гарабет.
Овие записи на страниците од списанието „Преглед и гласник“ ги оживуваат во нашите очи личноста и делото на еден лекар и проповедник по потекло -Ерменец кој дошол во нашите краишта како младич и како лекар во служба на турската војска. Д-р Гарабет во своето писмо до одборот на мисијата спомнува една млада верничка од Радовиш по име Атина Димева, по професија учителка. Подоцна таа заминала во САД, каде завршила висока медицинска школа, но во 1907 година се вратила во Македонија, каде до крајот од својот живот работела во својот крај како медицинска сестра. Нејзината ќерка и внука се верници на нашата црква.
Формирање на првите цркви во Македонија
После балканските војни во Македонија, работеле повеќе литерарни евангелисти, кои најпрво се задржале во Прилеп. Во 1921 година таму најпрво се обратил братот Иван Шемкоски и неговиот син Ангел. Во 1922 година во Скопје доаѓа проповедникот Мирко Кавур, а по неколку години му се придружува и братот Никола Сланкаменац. За тоа време во Прилеп работи Милан Шарчански, во кој период се обратиле седум верници, а братот Албин Мочник е присутен во Прилеп да го изврши обредот крштевање. Така во 1923-та година е организирана првата службена призната црква во Македонија – црквата во Прилеп. Делото брзо напредувало сѐ до втората светска војна, но во периодот на комунизмот имало проблеми со властите, но сепак имало доста верници кои сакале да му служат на Бога.
Црквата во Скопје по ослободувањето свое прибежиште наоѓа во куќата на сестра Михајлова која живеела во населба Пролече. Таму богослуженијата се одржувале сѐ до 1958 год. кога е изградена новата зграда на ул. Петар Поп Арсов бр.25, во која година се извршува и посветувањето на самата црква. Делумно е оштетена во земјотресот во 1963 год., но со помош на меѓународната заедница повторно била обновена, а постои и работи до ден денес. Во развојот на црквата свој придонес дале: Ѓорѓи Шемкоски со сопругата, Васе Антовски, Стефан Николовски, Ристо Кочовски, Цвета Марковска, Калезиќ Томаш, Стојановски Ристо, Селимовски Даут, проф. Алексовски Лазар, Михајловска Ратка, фамилија Кушевски и многу други браќа и сестри.
По осамостојувањето на Македонија сѐ до денес, Адвентното движење продолжува да се шири. Плуралистичките околности овозможуваат печатење на мноштво книги, издавање дискети со музика од духовен карактер, можност за радио и ТВ емисии, како и активности на социјалните мрежи и интернет на кои слободно може да се слушне за нашата надеж и нашето верување.